| четврток, 6 декември 2018 |

Паоло Маџели, театарски режисер: Толеранција и интеграција се два збора кои не ги трпам!

– Има два збора кои не ги трпам. Првиот е „толеранција“. Тоа е еден фашистички збор, тоа значи те мрзам, не можам да те поднесам, па те толерирам. Јас би го заменил со зборот „те сакам“. Вториот збор е „интеграција“. Во превод тоа би значело дека не ја сакам вашата различност. Овој збор би го заменил со „почитување“, односно со длабоко интелектуално културолошко почитување – вели славниот италијански театарски режисер со светска кариера Паоло Маџели.

Неговата претстава „Планинските џинови“ утре, во четврток, на 26 април ќе ја има скопската премиера.  Претстaвата е дел од регионалниот проект „(Ре)Откривање на Европа„ кофинансиран од ЕУ, Креативна Европа и е копродукција на: Италијанската драма при Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“, Риека, Хрватска; Словенечки Стален театар, Трст, Италија; Унгарскиот театар КДЗС Суботица, Србија; Германскиот театар Темишвар, Романија и НУ Албански театар, Скопје.

– Токму овој проект „Планинските џинови“ е едно патување за љубовта и почитувањето. Со овој проект реализираме еден голем сон. По настапите во Хрватска, следеа премиери во Трст, Темишвар и Суботица. Најавено е дека ќе учестуваме и на фестивали во Италија, Турција – вели Маџели, кој веќе два месеци е во Скопје каде што во МНТ ја работи претставата „Еден месец на село“ од рускиот автор Иван Сергеевич Тургењев. Тој последен пат работел во МНТ пред 30 години, режирајќи ја драмата на Горан Стефановски, „Црна дупка“, во 1988 година.

Паоло Маџели во друштво со доајенката на македонското глумише Милица Стојанова

Маџели денеска пред новинарите говореше хрватски јазик. Тој е роден во градот Прато, во Тоскана. Дипломирал режија во Фиренца, а студирал и славистика. По добивањето на стипендија, своите студии ги продолжил во Романија. Режирал поголем број претстави на сцените во Белград и во Загреб, а работел и во Германија, Швајцарија, Словенија и Франција.

– Можев да зборувам и на друг јазик, ама еве и вака се разбираме. Размислував за својот животен пат и можам слободно да кажаме дека сум еден од ретките кои одбраа да го продолжат животот на Исток, наместо на Запад. За Скопје и за овие простори ме врзуваат многу убави театарски и животни искуства. Да се работи во театар е борба. Во мојата кариера сум работел и на Запад и на Исток, работев и во Мексико, Венецуела, Колумбија, Чиле… Работев за богати и за моќни. Во еден разговор со Оливер Фрљиќ (хрватски режисер, з.а.) рековме: ’Ајде да да направиме нешто за немоќните, бидејќи се малцинство. Да направиме за оние кои немаат економска моќ. За мене, малцинството е единствена гаранција дека еден дел од демократијата се уште постои. За мене, тие се таа разлика која е нужна и прекрасна – вели 71-годишниот Маџели.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top