Понеделник за паметење и вистинска радост за љубителите на тенисот во Полска им приредија нивните претставници Јержи Јанович, Лукаш Кубот и Агњешка Радванска на тенискиот гранслем Вимблдон. Сите победија и за првпат во историјата Полјаците имаат три претставници во четврт-финалето на престижниот турнир.
За Радванска тоа и не е изненадување бидејќи таа е ланска финалистка на турнирот, но ретко кој го очекуваше Кубот во четврт-финалето, па и талентираниот Јанович.
Ждрепката одлучи токму тие двајца да играат меѓусебе, па Полска сигурно ќе забележи историски резултат на Вимблдон. Досега немале полуфиналист во машка конкуренција во 127. годишната историја на гранслемот на трева, а сега тоа е сигурна работа. Пред Јанович и Кубот, само Војтек Фибак во 1980 година има играно во оваа фаза на Вимблдон.
Радванска ќе игра против опасната кинеска претставничка На Ли, но и Агњешка има шанса за да оди дури и докрај. Ја нема веќе на турнирот Серена Вилијамс, испадна и Марија Шарапова, па се чини дека сега е најлесно да се освои Вимблдон.
Полјаците секако ќе уживаат бидејќи имаат три претставници од вкупно 16 учесници што останаа во игра за двата вредни пехари. Полска е на врвот според четврт-финалистите во поединечна конкуренција, а сигурно ќе имаат и полуфиналист, па со право велат дека ова е Полски Вимблдон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.