| четврток, 6 декември 2018 |

„Последните камбани“ во нови фестивалски улоги

Филмот „Последните камбани“ кој својата премиера ја имаше на Светскиот филмски фестивал во Монтреал и воедно ја освои првата награда за најдобар краток филм, продолжува со нови фестивалски прикажувања.
По неодамнешното учество во официјалната меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал во Силхет, Бангладеш,  овој месец, следува негово прикажување на овогодинешниот Скопје филм фестивал, а потоа и на фестивалот на нем филм кој ќе се одржи во Медисон, во сојузната држава Висконсин, САД.
Фестивалскиот живот на „Последните камбани“ продолжува и со официјалната, меѓународна конкуренција на Фестивалот на краток филм „Фастнет“, кој ќе се одржи од 23 до 27 мај во Шул, Република Ирска, а во меѓувреме потврдено е и учество на Меѓународниот фестивал на краток филм и анимација во Санкт Петерсбург кое започнува на 1 мај .
Продуцентот на филмот, Гоце Кралевски информира дека во мометов се чека потврда за уште неколку нови фестивалски учества и промоции.
– Многу се радувам на овој фестивалски живот на „Последните камбани“ и сметам дека е еден од вистинските начини за промоција на македонскиот филм низ светот – изјави Кралевски.
„Последните камбани“ е во продукција на ДНФ филмс. Режисер и сценарист на филмот е Николче Поповски, а главната улога ја игра Мето Јовановски. Директор на фотографија е Фејми Даут. Поддржан е од Агенција за филм на РМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top