| четврток, 6 декември 2018 |

Грција ги нападна САД и ММФ

Evangelos Venizelos (1)

Евангелос Венизелос, новиот шеф на дипломатијата на Грција, земја-членка на ЕУ, смета дека еден од главните виновници за грчката криза се ММФ и САД. Според него, контролата на САД над ММФ, всушност, е главниот виновник за ненавременото сопирање на финансиската криза од 2009 година, објави порталот „МКД“.

Во центарот „Вудроу Вилсон“ во Вашингтон кон крајот на мај говорот на Венизелос повеќе наликуваше на говор на сега веќе починатиот претседател на Венецуела, Уго Чавез, отколку на државник на земја-членка на ЕУ. Венизелос смета дека ММФ, односно САД ја презел целосната контрола на ЕУ.

„Направената каталитичка промена, она што го смени пејзажот на европската интеграција, всушност е институционална асимилација на ММФ во еврозоната. Сето ова почна како желба за намалување на улогата на Европската комисија, која германската влада и владите на други доминантни земји-членки ја гледаат како главен виновник за задоцнетата реакција и ненавременото сопирање на фискалната криза и подоцнежната финансиска криза, сѐ до 2009.

Тогаш беше формирана озлогласената „тројка“ (претставници на Европската комисија, Европската централна банка и ММФ) и почна да работи на грчката ситуација. Но, она што, всушност, се случи е што вмешаноста на ММФ стана нормативно и ја смени, како гаранција, институциската архитектура на Европската унија и улогата на Комисијата. Поради тоа што ММФ не е контролиран од Европскиот парламент, ниту пак од која било друга институција на ЕУ, таа од канцелариско и бироктаско тело стана авторизиран претставник на владите на земјите-кредитори. Што значи дека си немаме работа со службеници кои претставуваат организации, туку со група технократи кои дејствуваат во рамки на меѓувладин политички мандат. А, тоа е премногу важно за да може да се игнорира“.

Според Венизелос, САД како главен акционер во ММФ ги дефинираат концептот и стратешките принципи на фондот чие присуство во Европа значи дека европската монетарна и финансиска безбедност се дел од евроатланската агенда.

Овој говор Венизелос го одржа во период кога се намалија контактите на релација САД-Грција. Во мај како лидер на Неа демократија, Венизелос во САД немаше никакви официјални средби, за разлика од турскиот премиер Ердоган, кој тој период имаше неколку официјални средби со Барак Обама, Џо Бајден и Џон Кери. Во јуни и грчкиот премиер Андонис Самарас побарал средба со американскиот претседател која била одбиена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top