Лицето Д.Г. кое пред една недела нападна царниничка на граничниот премин Делчево, во вторникот повторно направил инцидент, односно понудил мито на цариник, по што бил приведен. Тој во своето возило пренесувал животно, а на барањата на цариникот да прикаже документи за да ги внесе птицaтa во државата, тој се обидел да го поткупи со 500 денари кои ги ставил во пасошот, по што бил пријавен и приведен во полиција.
Иако МВР дневно информира, настанот кој се случил во вторникот не беше забележан во вчерашниот билтен, ниту пак во билтенот испратен утрово. Откако побаравме информација за случајот од портпаролката на СВР Штип, за кратко нѐ информира дека нема што повеќе да коментира од она што е објавено во билтенот во 14 часот.
„На 03.04.2018 година во 12.00 часот на Граничен премин “Делчево” на влез во РМ од страна на царинскиот службеник при контрола на возило управувано од Д.Г. (55) од село Звегор, Делчевско, била пронајдена жива птица, при што на Д.Г. му било укажано дека доколку не поседува документи за птицата, истата треба да ја врати назад во Р. Бугарија. При евидентирањето во царинската евиденција, царинскиот службеник забележал дека во патната исправа на Д.Г. биле ставени 500 денари. По ова царинскиот службеник ја предал патната исправа и паричните средства на командирот на Граничниот премин а Д.Г. бил лишен од слобода.“
Обвинителот од Основно јавно обвинителство Делчево, Бранко Тричковски за „Република“ вели дека телефонски бил известен за случајот, но засега до него не се пристигнати никакви докази ниту записник за тој да отвори истрага.
– Tелефонски бев информиран за случајот, но до мене не се доставени никакви докази. Според моите сознанија, тој изјавил дека парите не биле остани за поткуп или нешто слично. Направен бил распит и со лицето и со цариниците и сите дали изјави за случајот, вели Тричковски за „Република“ и додава дека иако во патната исправа на Д.Г. имало пари, за него тоа не претставува нудење поткуп.
Во првиот случај, Д.Г., кој ѝ е добро познат на јавноста и полицијата во Делчево, а важи за лице со богато криминално досие и блиски конекции со власта, беше заштитен од МВР и Јавното обвинителство од Делчево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.