| четврток, 6 декември 2018 |

„Исцелител“ на филмски фестивал во Кливленд

Македонскиот филм „Исцелител“ е избран во официјална конкуренција на меѓународниот филмски фестивал во Кливленд во САД. Филмот ќе се прикажува во програмата во чиј фокус се филмови од Централна и Источна Европа. Ова е 42. издание на меѓународниот фестивал во Кливленд (CIFF).

Оваа година мотото на фестивалот е „Прегрни ја љубопитноста“. Фестивалот нуди уникатна можност гледачите и учесниците да откриваат други култури и идеи кои предизвикуваат, а можеби и можат да го сменат начинот на кој го восприемаме и се однесуваме со светот околу нас. Селекторите на филмови на фестивалот освен на квалитетот на кинематографското дело, особено внимание посветуват и на темата на филмовите кои најчесто се фокусирани на социјалната правда и активизам.

Во текот на единаесетте фестивалски денови ќе се прикажат отприлика 200 долгометражни и 200 кратки филмови од 72 различни земји од целиот свет, а ќе присустваат и 300 филмски професионалци. Минатата година фестивалот го посетиле повеќе од 100.000 гледачи.

„Исцелител“ ќе се прикажува во конкуренција заедно со уште 14 други европски остварувања, едни од најуспешните изминатата година. Меѓу нив се: добитникот на награда во Карлови вари, босанскиот „Мажите не плачат“, добитникот на сребрена мечка, романскиот „Ана, љубов моја“, добитникот на награда за најдобар актер во Карлови Вари, рускиот „Аритмија“, добитникот на награда за најдобар филм во Трст, словенскиот „Рудар“, учесникот на кански фестивал, бугарско македонската копродукција „Насоки“ и други.
Ова е второ прикажување на „Исцелител“ во Соединетите Американски Држави. На премиерното прикажување на фестивалот во Санта Барбара, Калифорнија во февруари, филмот ја освои наградата за најдобар филм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top