Евгенија Зафировска е млада македонска дизајнерка која живее и работи во Словенија. На претстојниот Моден викенд Скопје кој почнува в петок, на 30 март таа ќе ја претстави својата колекција „Архитектура во движење“, која е нејзин магистерски труд. Ова е нејзино второ претставување на најголемиот моден настан во Македонија, откако претходно на есенското издание во 2016 година ја претстави еко-колекцијата “Black Feedback” која беше позитивно прифатена од пошироката публика.
Во интервју за „Република“ Зафировска говори за новата колекција, но и за животот и искуството во Словенија. Нејзина цел е да постигне промени во светот на креативен и иновативен начин.
– Во Словенија свеста на луѓето кон екологијата е на многу високо ниво, па така и односот кон еко-модата. Воспоставена е здрава еко-освестена и одговорна модна сцена. Од различни дефиниции можеме да сумираме дека производството на еко-модата наоѓа свое место во здравата животна средина, здравјето на потрошувачите и поволните работни услови за вработените во модната индустрија. Би сакала преку различни работилници и проекти да пренесам голем дел од искуствата – вели Зафировска во разговор за „Република“.
Отворањето на 17. издание на Моден викенд Скопје е закажано со Вашата и ревијата на Роберт Ивановски со колекцијата „Архитектура во движење“. Дали заедно со Роберт ја работевте оваа колекција?
ЗАФИРОВСКА: Колекцијата „Архитектура во движење“ е мојот магистерски труд со кој ќе се претставам на Модниот викенд Скопје, а Роберт Ивановски ќе се претстави со колекцијата “The Garden of Earthly Delights”. Поради начинот на претставување на нашите колекции со Роберт ќе го отвориме 17-от Моден викенд Скопје.
Кому му се наменети моделите од оваа колеција?
ЗАФИРОВСКА: Колекцијата е наменета за современи и елегантни жени кои го оживуваат својот стил со уникатно парче облека. Колекцијата е спој на елеганција и минимализам. Наменета е за жени кои ги ценат уникатните и квалитетни дизајнерски парчиња со додадена естетска вредност.
Какви се Вашите очекувања од промоцијата во Скопје?
ЗАФИРОВСКА: Еко-колекцијата “Black Feedback” од минатата година на мое големо задоволство
беше позитивно прифатена од пошироката публика. Се надевам дека и на овој Моден викенд ќе успеам да им ја доловам на гледачите поврзаноста помеѓу модата и архитектурата, и мојата визија за одржлива мода. Да се изработи едно дизајнерско уникатно парче кое ќе има мој препознатлив белег значи визија, труд и работа, и секако, претставување на бројни манифестации од таков карактер.
Живеете на релација Скопје – Љубљана. Додека го договаравме интервјуто, имавте закажно одбрана на магистертскиот труд. Што магистриравте?
ЗАФИРОВСКА: Магистерскиот труд е целина од моќна визуелна слика и колекција која е фокусирана на одржливиот дизајн. Одржливата мода, честопати наречена како еко-мода, е дел од филозофијата на дизајнот и трендот на одржливост, чија цел е да се создаде систем кој ја поддржува заштитата на природата и општествената одговорност. Во содавањето на колекцијата вклучив традиционални занаети, локални занаетчии за правење чевли, некои парчиња се направени без или со многу малку отпадоци, модните додатоци се направени од текстилениот отпад. Изработката со овие принципи значи почитување на клиентите на нов начин и нудење на подлабоко задоволство на производот со квалитетен дизајн, добро вклопување и добар квалитет на изработка. Главната инспирација се делата на јапонскиот архитект Кензо Танге. Модата и архитектурата го споделуваат разбирањето на просторот, структурата и композицијата, односно се две уметнички области кои имаат заедничка креативна почетна точка. Во текот на истражувањата се преплеткуваа различни можности за толкување на архитектурата во модата преку процесот на развивање на идејата. Елементите на архитектурата се изразени во различни текстури, материјали и рачни техники. Поединечни делови од колекцијата се дизајнирани на таков начин што можат да се комбинираат и да создадат нов изглед. Колекцијата е дополнета со модни додатоци и чевли.
Ова не е Ваше прво појавување на Модниот викенд Скопје. Имавте ревија во октомври 2016 година кога ја претставивте вашата еко-колекција. Какво е вашето мислење за Модниот викенд Скопје? Дали појавувањето на најголемиот моден настан во Македонија е добар почеток за развој на кариерата на младите дизајнери?
ЗАФИРОВСКА: Иако сум се претставувала на други настани и ревии надвор од нашата граница, Модниот викенд во Скопје ми претставува посебно задоволство бидејќи ги презентирам моделите пред мојата публика. Професионалноста и критериумите при организирањето на Модниот викенд го прави најголем моден настан во Македонија. Секако, тој е голем предизвик за секој дизајнер, посебно за младите дизајнери кои прв пат се претставуваат при што се стекнуваат и разменуваат искуства помеѓу дизајнерите и публиката.
Какви се вашите планови за во иднина? Останувате во Словенија или кариерата ќе ја продолжите во Македонија?
ЗАФИРОВСКА: Голем проект беше мојот магистерски труд, така што немав многу време за размислување. Тоа што моментално не живеам во Македонија не ме спречува да ги следам настаните. Активно учествувам на настани во државите од бившите ју-простори, каде што се стекнав со големо искуство на модните писти. Минатата година започнав соработка со бугарскиот бренд Von Goldenburg, со кој што сакам да ја продлабочам соработката поради професионалноста во работата.
Што нуди Љубљана во однос на Скопје?
ЗАФИРОВСКА: Во Словенија свеста на луѓето кон екологијата е на многу високо ниво, па така и
односот кон еко-модата. Воспоставена е здрава еко-освестена и одговорна модна сцена. Од различни дефиниции можеме да сумираме дека производството на еко-модата наоѓа свое место во здравата животна средина, здравјето на потрошувачите и поволните работни услови за вработените во модната индустрија. Би сакала преку различни работилници и проекти да пренесам голем дел од искуствата. Имам за цел да постигнам промени во светот на креативен и иновативен начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.