| четврток, 6 декември 2018 |

Васо Ристов и Александар Поповски се нови селектори на музичката и драмската програма на „Охридско лето“

Васо Ристов и Александар Поповски се новите селектори на музичката односно драмската програма на најреномираната и најзначајната музичко-сценска манифестација во земјата Фестивалот „Охридско лето“.

На вчерашната седница на Управниот одбор на „Охридско лето“ е донесена одлука да се раскине договорот со досегашниот музички селектор Ѓорѓи Цуцковски, со образложение дека истата е од причина заради неисполнување на обврските определени во договорот.

На седницата е донесена одлука за драмски селектор да биде именуван Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери, додека за музичката програма да биде одговорен професорот Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.

Во соопштението од НУ „Охридско лето“ се наведува дека станува збор за истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната театарска и музичка јавност, со богата професионална кариера зад себе.

Фестивалот „Охридско лето“ очекува од новоименуваните селектори максимално да се вложат себеси и своите во креирање на уметничката програма на годинешното фестивалско издание согласно духот и богатата меѓународна традиција, како и реномето и значењето на Фестивалот „Охридско лето“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top