| четврток, 6 декември 2018 |

Џафери: Ќе одам со сите варијанти кои обезбедуваат целосна функционалност на Собранието

Претседателот на државата има уставна одговорност да го потпише законот, кој со мнозинство е донесен од пратениците во второ читање, порача вечерва претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за емисијата „Само вистина“ во врска со законот за јазиците и најавите на претседателот Ѓорге Иванов дека нема да го потпише.

– По првото читање претседателот има во право на суспензивно вето, за второто гласање кога ќе се обезбеди мнозинство претседателот на државата е должен да го потпише, вели Џафери и додава дека тоа е согласно член 75 од Уставот.

На прашањето зошто доколку смета дека претседателот постапува спротивно на Уставот не се побара импичмент, одговори оти тоа во сегашните околности не може да се спроведе бидејќи го нема двотретинското мнозинство потребно за таа процедура.

Истакна дека со законот за јазиците се заокружува правната рамка на Охридскиот рамковен договор, Македонците не губат ништо, а не губи ниту државата во смисла на нејзиниот унитарен карактер.

– Со законот не се добива бинационалност и билингвалност, теза што ја пропагираат оние кои велат дека со законот се нарушува поредокот на државата, рече Џафери.

На прашањето зошто прво побарал доставување на амандмани, а потоа не биле разгледани, истакна дека службите на Собранието физички не можеле да го систематизираат сето тоа што било поднесено.

– Уште пред да се евидентираат сите амандмани формално и со опозицијата и со мнозинството им кажав дека работата ќе заврши вака, затоа што не може да се има можност да се разгледуваат 36 илјади амандмани, а да не се блокира работата на Собранието. Ова е историски момент за државата и не треба да се врати таквата слика за законодавниот дом, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top