Дека СДСМ на чело со Заев и одредени млади и перспективни кадри за само шест месеци ќе почне да функционира исто како што функционираше биномот ВМРО- ДУИ, не е за верување, но во реалноста, за жал, тоа се случува, вели градоначалникот на Гостивар и поранешен министер за здравство во владата на Заев, Арбен Таравари, во интервју за „Независен“.
„Сѐ уште не ми се верува! Не можам да верувам, посебно за СДСМ, дека до ова дереџе може да дојде. За ДУИ знаев, така функционира наназад повеќе години, на крајот на краиштата таа беше дел од десетгодишниот режим. Во ниеден момент ДУИ не се обиде барем еднаш да му каже стоп на Груевски. Тие четири пати ги гласаа сите кадровски решенија на Груевски, кои потоа беа кобни за македонското општество. Меѓутоа, ние како Алијанса за Албанците (АА) верувавме во реформската влада, иако во таа влада имавме дел од бившиот режим, меѓутоа тоа беше влада на принудни бројки. Само во тој состав можеше да падне еден мизерен режим и многу сме горди што бевме дел од мнозинството што го ослободи македонското општество. И повторно да се врати времето, со сите искуства што ги имаме со СДСМ, повторно би го направиле истото. Меѓутоа, дека СДСМ ќе падне под такво влијание на ДУИ, да им пречи и да уништат сѐ што не е со нив, искрено не ми се верува. Дека СДСМ на чело со Заев и одредени млади и перспективни кадри за само шест месеци ќе почне да функционира исто како што функционираше биномот ВМРО- ДУИ, не е за верување, но во реалноста, за жал, тоа се случува“, смета Таравари.
На прашањето како за кратко време, од блиски соработници со премиерот Зоран Заев станаа политички непријатели, тој вели:
– Многу чудно, од еден од просечните министри во Владата, станав најголем непријател на Заев поради единствена причина: што го победив него заедно со ДУИ во Гостивар. За тоа така одлучија граѓаните на Гостивар, и сега тие треба да трпат затоа што одлучиле поинаку од желбата на премиерот. Токму затоа и се одржуваат избори, за некој да ја добие, а некој да ја изгуби доверба на граѓаните. Да беше поинаку, премиерот ќе ги назначуваше градоначалниците. И после ова, Заев одлучи со неговата партија индуцирана од ДУИ да направи сѐ што е можно за Таравари да биде неуспешен. Работата отиде дотаму што ги направија сите можни опструкции што може да ги направи централната власт над локалната. Според многу познавачи на политиките во Македонија, дури ни Груевски не му го правел ова на Заев, кога бил градоначалник на Струмица. Со што го заслуживме ова? Дали треба да страдаат 100 илјади граѓани на Гостивар што одлучиле против волјата на премиерот и на ДУИ? Ако не си со нас, мора да бидеш блокиран по секоја цена и да бидеш неуспешен! Ова се знаци на тоталитарни режими, вели Таравари.
Таравари портврдува и дека не се премисли во поглед на тоа да можел сега да одлучува дали ќе се откажел од министерската функција за да се кандидира за градоначалник? Да не заминеше од здравство, можеби немаше ни да дојде до растурање на коалицијата со СДСМ, која се „сопна“ на решението за нов министер во овој ресор?
– Воопшто не сум се премислил. Нема поголемо задоволство отколку да добиеш поддршка од своите сограѓани од сите етнички заедници, и тоа во една нелојална конкуренција, кога две партии (СДСМ и ДУИ) имаат единствен кандидат, и притоа во кампањата се ангажираат сите механизми на државата, со премиер, министер за внатрешни работи, притисоци, поткупувања, закани… Хипотетички, и да не се кандидирав јас за градоначалник, сега немаше да бидам министер за здравство. За тоа гарантирам! ДУИ веќе се плашеше од поддршката што ја добиваме од граѓаните и ќе направеше сѐ да ни го одземат Министерството за здравство. Тогаш ние ќе останевме без ниедна општина, и без никаква кредибилност во Владата. Ние, иако бевме дел од Владата, некоректно, не знаевме дека СДСМ нема да кандидира градоначалници во Гостивар, Тетово и Чаир. И многу други работи во Владата одеа без наше знаење, така што веќе насетувавме дека има нечесни и подмолни игри во новото „реформско“ мнозинство, дециден е Таравари.
Според него Алијанса за Албанците не би требало никогаш повеќе да се врати во владината коалиција на Заев.
„Досега немало понуди за враќање во сега веќе вистински „реформската влада“. Јас лично, по сѐ што се случува со оваа Влада, не би посакал да се вратиме, меѓутоа, ова е личен мој став. Владата на Заев е иста како и претходната, таму се и Амди Бајрам и многу други режимски кадри и, искрено, многу наликува и потсетува на лошото минато на Република Македонија. Многу би сакал да грешам и да сум во заблуда, сѐ да тече како што треба, бидејќи на крајот сите сакаме да донесеме нормален живот за граѓаните во Македонија. За новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, немам некој коментар. Би сакал да се реформираат и новото раководство да се дистанцира од минатата гарнитура. Колку ќе имаат капацитети во овој правец, не знам, меѓутоа времето ќе покаже. Добро е за општеството и за Македонија да има квалитетна, рационална и конструктивна опозиција“, посочува тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.