| четврток, 6 декември 2018 |

Детска клиника доби апарат што ќе го олесни дишењето кај предвреме родените бебиња

Опрема за реанимација со неинвазивна респираторна поддршка, наменета за предвремено родени деца, односно доенчиња кај кои е потребно подобрување на волуменот на белите дробови, доби денеска Универзитетската клиника за детски болести. Станува збор за донација добиена со поддршка од Германската амбасада и проектот Хопе.

По повод донацијата, министерот за здравство Венко Филипче и германскиот амбасадор Томас Герберих денеска го посетија Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката.

Министерот Филипче му се заблагодари на амбасадорот за поддршката која ја даваат за проектот ПериМак, кој, како што рече, е еден од приоритетните проекти, а се однесува на намалувањето на новороденечката смртност. Посочи дека станува збор за донација на посебен апарат со кој се олеснува дишењето пред се кај предвремено родените бебиња, но и кај доенчињата на кои им е потребна ваков вид поддршка.

Директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ се заблагодари за донацијата и посочи дека пријателството со Германската амбасада е постојано. Изрази надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.

– На Одделот за интензивна нега и терапија има 16 деца, а најмалото родено во 28 гестациска недела има 450 грама и навистина е голем успех и на овие предвремено родени да им дадеме шанса да преживеат. Станува збор за близначка бременост, едното дете веќе е горе на Одделот, а второт се уште има потреба од поддршка, додаде Ставриќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top