Кинотека на Македонија и оваа година се вклучува во одбележување на 8 Март, овој пат со три долгометражни филмови, од кои едниот е омнибус од повеќе приказни. Сите се во режија на жени – авторки од Балканот, со што сакаме да им оддадеме почит и признание на жените филмски творци кои се сè повеќе на број во нашата средина и култура, соопштија од Кинотека на Македонија.
На 8 март ќе го погледнеме филмот „Викториа“ филм од 2014 година, првиот бугарски филм кој некогаш се прикажал на филмскиот фестивал на независен филм „Санденс“, каде што добил позитивни критики. Дејството се одвива во 1979 година, десет години пред распадот на системот и Источниот блок. Борјана (Ирмена Чичкова) и Иван (Димо Димов) се обидуваат да имаат интимни односи без да ја разбудат нејзината мајка… „Станува збор за политички и филозофски филм што со доза на хумор кој ја отсликува во целост идеологијата на комунизмот, период во кој луѓето меѓусебно се нарекувале „другар/ка“, млекото е спакувано во ќеси и се чувствува цврста доминација на партијата врз животот на бугарскиот народ. Автор на „Викториа“ е режисерката Маја Виткова, а филмот, кој трае 155 минути претставува времеплов кој ве носи во не толку дамнешните времиња на ‘закоравената’ социјалистичка администрација, нешто што и денес ни е познато и можеме да го почувствуваме. „Викториа“ е филм кој ја покажува врската помеѓу физичкото и партиското тело. Прикажува како едно човечко суштество може да биде симбол на комунизмот – ќе напише Емилија Петреска во својот осврт за филмот во Радио МОФ по неговото прикажување на Синедејс во Скопје.
Списанието „Њујоркер“ го става „Викториа“ на четврто место на најдобри филмови за 2016 година, воедно го бира за филм на неделата, а нејзиниот критичар Ричард Броди рецензијата за овој филм ја насловува: „Виктора“ голем филм за жените, создаден од жена.
Филмот „Непослушни“ што ќе го прикажеме на 9 март е дебитантски филм на режисерката Мина Џукиќ и својата премиера ја имал 2014 г. на фестивалот „Санденс“. Ова автентично остварување има постигнато голем успех и на други значајни светски фестивали на независен филм. „Замислата е „Непослушни“ да послужи за препознавање на проблемот околу дистрибуцијата и гледаноста на домашните арт-хаус филмови, или барем да послужи како иницијатор за промена на проблемите на тоа поле. Ќе видиме што е изводливо, рамнодушноста е најголемиот проблем, се чини дека филмот како категорија е навредливо небитен, не би сакала на тој бран да пуштам нешто што ни е важно на сите – вели режисерката на филмот Мина Џукиќ.
Таа објаснува дека кампањата нема таен маркетиншки трик, а желбата и е да го погледнат луѓе кои не сакаат да одат во комерцијалните кина и немаат средства за таква забава.
На 10 март, пак, ќе го погледенеме омнибусот „Некои поинакви приказни“ кој е составен од пет кратки филма на режисерки од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Словенија. Омнибусот имаше проекции на повеќе од триесет филмски фестивали низ светот и беше на репертоарот на кината во соседните земји. Режисерките Ивона Јука, Ана Марија Роси, Инес Тановиќ, Марија Џиџева и Хана Слак на различен начин отсликуваат еден конкретен социјален и емотивен феномен – мајчинството, гледано од аспектот на младите луѓе од овие простори и со сензибилитет карактеристичен за нив. Улогите ги толкуваат: Нера Стипчевиќ, Горан Богдан, Наташа Нинковиќ, Сергеј Трифуновиќ, Нина Виолиќ, Феџа Штукан, Луција Шербеџија… а во македонската приказна ќе ги видиме: Ива Зенделска, Славиша Кајевски, Синоличка Трпковска, Јордан Симонов, Несрин Таир… Филмот е копродукција меѓу продукциските куќи СЕЕ ФИЛМ ПРО од Србија, Скопје филм студио од Македонија, 4 ФИЛМ од Хрватска, Документ од Босна. На проекцијата на филмот ќе биде присутна една од режисерките на филмот, Марија Џиџева, а пред филмот ќе има разговор со гостинката и публиката, кој ќе го води Стојан Синадинов.
„Викториа“
Игран филм, Бугарија
2014, 155 мин., колор, ДЦП
Режија: Маја Виткова (Maya Vitkova)
Сценарио: Маја Виткова (Maya Vitkova)
Улоги: Ирмена Чичкова, Дарија Виткова, Калина Виткова (Irmena Chichikova, Daria Vitkova, Kalina Vitkova)
Несакана од својата мајка, Викторија е родена без папочна врвка и не ѝ е потребна Борјана сè додека тешкотиите на животот не ги спојат заедно. Ова е приказна за три генерации жени и начинот на кој тие се жртви на државните идеологии и на генерацискиот јаз кој е тежок за премостување.
9 март (петок) 20.00 ч.
НЕПОСЛУШНИ
(NEPOSLUSNI/DISOBEDIENT)
Игран филм, Србија
2014,106 мин., колор, блуреј
Режија: Мина Џукиќ (Mina Djukic)
Сценарио: Мина Џукиќ (Mina Djukic)
Улоги: Хана Селимовиќ, Младен Совиљ, Данијел Сике (Hana Selimovic, Mladen Sovilj, Danijel Sike)
Како деца, Лени и Лазар се најдобри пријатели. Кога Лазар се враќа дома по низа патувања со цел да ја преболи смртта на татко му, Лени сака повторно да се поврзе со нејзината сродна душа од детството, но сè уште го чувствува бодежот на годините во кои биле разделени. Еден ден, со цел да ги избегне одговорностите што ги носи животот, заедно со Лазар одат на непланирано возење со велосипеди во сончевата околина. Додека тие уживаат во нивните напади на непослушност, Лени мора да одлучи дали нивниот заеднички вкус за белји е доволен темел врз кој можат да изградат заеднички живот.
10 март (сабота) 20.00 ч.
НЕКОИ НОВИ ПРИКАЗНИ
(SOME OTHER STORIES)
Игран филм, Хрватска
2010, 110 мин., колор, 35 мм
Режија: Марија Џиџева, Ана Марија Роси, Хана А.В. Слак, Инес Тановиќ, Ивона Јука
Сценарио: Ѓорче Ставрески, Вардан Тозија, Ана Марија Роси, Винко Модерндорфер, Инес Тановиќ, Доротеа Вуќиќ
Улоги: Славиша Кајевски, Горан Богдан, Сергеј Трифуновиќ, Луција Шербеџија
НЕКОИ ПОИНАКВИ ПРИКАЗНИ е омнибус составен од пет различни приказни со ист тематски круг снимени од пет режисерки. Темата е мајчинството и комплексните одлуки со кои се соочува една бремена жена. Секоја од петте приказни содржи детали што ја откриваат природата на актуелните политички и општествени настани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.