Во својата континуирана работа за зголемување на бројот на музејски предмети кои ги презентира на јавноста, Музејот на македонската борба во јуни ја збогати својата збирка со нови експонати – дел од историското минато на Република Македонија, јавува порталот „Скај“.
Во соработка со Благоја Механџиски, директорот на Зегин, музејот доби донација на оригинални предмети – два воени печати на единиците на 11. Македонска дивизија од Првата светска војна, како и две бомби т.н. „македонка“ и „одринка“ кои се користеле од македонските востанички чети за време и по Илинденскиот период.
Колекцијата е збогатена и со новооткупени предмети од кои посебно значајни се Парламентарната значка Хуријет од 1908 г. од периодот на Младотурската револуција која ја добиле неколку истакнати македонски револуционери и џебните часовници „Зенит“ изработени по порачка на Османлиската држава, на кои освен грбот на Османлиската држава се гледа и натписот „Македонија“. Според некои сознанија часовниците биле делени на истакнати членови на османлискиот парламент од страна на последниот султан Мехмед Паша V при неговата посета на Македонија во 1911 година.
Новите експонати се веќе изложени во постојаната поставка на музејот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.