Турскиот претседател Ердоган неодамна изјави дека сака повторно со закон да ја забрани прељубата, односно дека напуштањето на ваквата постапка во 2004-та година поради барањата на ЕУ била погрешна постапка, објави „Хуриет дејли њуз“.
„Мислам дека сега е многу добро време за разгледување на проблемот на прељубата, затоа што нашето општество е во неповолна позиција кога станува збор за моралните вредности“, рече турскиот претседател во изјава за новинарите по говор во парламентот во Анкара.
„Ова е многу стар и широко распространет проблем. Треба поширока дискусија за него. Ние веќе предложивме закон за прељуба во 2004. Во тоа време постапивме во согласност со законите на ЕУ, но тоа беше грешка“, рече Ердоган.
Турција се откажа од криминализацијата на прељубата поради пристапните преговори со Европската унија, која ја критикуваше земјата за скратување на личните слободи на граѓаните.
„Морам да признаам дека погрешивме во тој процес. Сега треба да направиме проценка за подготовка на законот за прељуба и да го разгледаме во пакет со проблемот на злоупотреба“, рече Ердоган.
Портпаролот на претседателот, Ибрахим Калин, на прес-конференцијата на 21 февруари потврди дека судството размислува за нов закон за прељуба. Инаку, криминализацијата на прељубата е тема на дебата во Турција со децении. Во 1996 година, Уставниот суд го укинал законот за прељуба, според кој жените биле казнувани повеќе од мажите.
Според тој закон мажите биле одговорни за прељуба само ако влезат во долгорочна вонбрачна врска, додека жените биле виновни само по една измама на брачниот партнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.