Новите технологии му донесоа такви можности на човештвото кои на крајот на минатиот век, или пред само 20 години, не можеа да се замислат. Придобивка на новата дигитална ера е лесниот пристап до сè што нè интересира, преку најголемата слободна електронска енциклопедија – Википедија. Наместо трагања по архиви и библиотеки и пребарувања во томовите тешки енциклопедии, на просечниот човек денес му е потребен само еден мобилен телефон и се‘ му е на дофат.
„Замислете свет во кој секој човек на планетава ќе има слободен пристап до целото човеково знаење. Тоа е она на што работиме ние“, изјавил Џими Велс, еден од основачите на Википедија. На брзиот пристап до оваа енциклопдија и брзото множење на содржините во безграничниот простор на интернетот упатува и нејзиното име: wikiwiki на хавајски значи: брзо, иако е распространето и мислењето дека Вики е акроним од: What I Know Is.
Википедија е проект почнат во јануари 2001 година, само на англиски јазик, од основачот на Фондацијата Викимедија – непрофитна корпорација која раководи со Википедија и со неколку други Вики проекти. По две и пол години, септември 2003, почна и Википедија на македонски јазик со ангажирањето на група млади ентузијасти. Тие побарале од Фондацијата Викимедија да се отвори Википедија на македонски јазик и оттогаш википедијанската заедница волонтерски работи на македонската Википедија. Од февруари 2016 година организирани се во здружението ГЛАМ Македонија (Галерии, Библиотеки, Архиви, Музеи) – признат огранок од Викимедија. Некои држави немаат здруженија, но волонтерите се активни и ги збогатуваат нивните јазични википедии.
– Но со активно здружение, сепак, оди побрзо збогатувањето на Википедија и контактирањето со институции кои помагаат во обезбедувањето материјали, вели претседателката на ГЛАМ Снежана Штрковска. За неполни две години од формирањето, ГЛАМ има склучено договори за соработка со Државниот архив, Институтот за национална историја, Музејот на македонската борба…
Википедија на македонски јазик има околу 92.900 статии на разни теми, сите создадени од волонтерите. Се збогатува или преку превод на веќе објавени содржини на другите јазични википедии или со создавање статии и содржини што ги нема на другите јазични изданија, особено кога се работи за теми поврзани со Македонија.
По бројот на објавени статии, македонската Википедија е на 62 место од вкупно 298 јазици (од кои 288 активни) на кои е достапна слободната енциклопедија.
– Не сите од активните корисници се дел од ГЛАМ Македонија, но сите комуницираме и разговараме кога е во прашање развојот на Википедија, имајќи го предвид фактот дека немаме доволно волонтери кои би пишувале на Википедија во споредба со останатите балкански и светски јазици. Бројот на статии на википедииите на балканските јазици, освен босански и албански, е доста поголем од тој на македонската, рече Стојаноски.
Како слободна енциклопедија и волонтерска работа, што подразбира дека секој може да стави содржина (се отвора корисничка сметка, односно се избира корисничко име и се следат упатствата поставени на Главната страница на Википедија), се наметнуваат прашањата колку е Википедија извор на точни податоци и дали постои контролен механизам кој штити од можни злоупотреби.
Штрковска вели дека за која било јазична Википедија повремено се појавуваат сомнежи во врска со објавена содржина но сè повеќе, додава таа, Википедија се смета за сигурен извор на информации.
– Википедија воопшто е на петто место на најпосетени мрежни места во светот. Се случува понекогаш некои корисници да поставуваат статии за личности што не постојат, на пример, или да вметнуваат вулгарности или глупости во страниците, но најчесто тоа брзо се забележува и се отстранува. Контролниот механизам се самите википедијанци, или википедијанската заедница, кои се активни на Википедија, како и администраторите. Тие рачно ги отстрануваат деловите од текст или цели страници кои не се енциклопедиска содржина, кажува претседателката на ГЛАМ.
Првиот Вики клуб во Македонија и прв на Балканот почна да работи во октомври 2016 во Музејот на македонската борба. Секоја среда од 15 до 18 часот таму има обука за постирање содржини и секој што сака, без оглед на возраста, може да се придружи и да потпише пристапница во ГЛАМ Македонија. Членувањето во здружението и во Вики клубот е бесплатно.
Досега во Вики клубовите се обучени 140 ученици, создадени се 563 нови статии на разни теми и надополнети или подобрени се повеќе од илјада статии кои постоеле на Википедија на македонски јазик. Во декември во Берово беше организиран и првиот Вики камп за ученици-википедијанци, на кој учествуваа 55 деца од 10 училишта од цела Македонија.
Извор: МИА.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.