| четврток, 6 декември 2018 |

„Смртта на Сталин” од Армандо Јанучи на 22 февруари во кината

Политичкиот живот во Советскиот сојуз во текот на 50-те години добива хумористична форма во новиот филм „Смртта на Сталин“, од мајсторот на политичката сатира Армандо Јанучи. Оваа екранизација на истоимениот француски стрип ги става во фокус политичките превирања после смртта на некогашниот советски лидер Јосиф Сталин, и ги прикажува на најзабавен можен начин.

Приказната се одвива во Москва во 1953 година. После смртта на советскиот диктатор Сталин, следи хаос во врвот на власта, како и борба за највисоките позиции. Меѓу моќниците кои се наметнуваат за превласт се Георги Маленков (Џефри Тамбор), Никита Хрушчов (Стив Бушеми), и шефот на полицијата Лаврентиј Бери (Сајмон Расел Бил). И додека тие прават збрка и си забиваат нож во грб еден на друг, кој ја води државата?

Комбинацијата на напнати интриги со пародија, ја прави оваа дрска комедија одличен предизвик за забава, и судејќи по извонредната актерска екипа во која се Џефри Тамбор, Стив Бушеми, Руперт Френд, Џејсон Ајзакис и Сајмон Расел Бил, имаме одлична атмосфера каква што имаат најдобрите англиски комедии.

Филмот „Смртта на Сталин“ премиерно е прикажан на Филмскиот Фестивал во Торонто, каде што добива многу позитивни критики и од медиумите и од филмската критика. И покрај големиот меѓународен успех, овој филм предизвика многу контраверзии во Русија, поради што е и забрането неговото прикажување.

Домашната публика ќе има можност да го погледне овој филм веќе од овој четврток 22 февруари во кината низ Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top