Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за време на средбата со претседателот Ѓорге Иванов во Анкара ја повторил поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмирал и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија, соопшти прес-службата од Кабинетот на Иванов.
-Ние сме први што го признавме уставното име на Република Македонија. Она што го мислевме тогаш, го мислиме и сега. Ние не мрдаме ни лево ни десно. Турција во дипломатијата никогаш не се однесува двострано. Откако сме донеле своја одлука, ние умираме, но не се враќаме назад- рекол турскиот претседател истакнувајќи дека, покрај признавањето на уставното име на Македонија и името на нацијата, Турција била првата земја што испратила свој амбасадор во Македонија.
На средбата била констатирана и потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот.
-Македонија ја изрази својата решителност во врска со нашата борба против тероризмот, особено ФЕТО, која е опасност за двете држави. Оваа организација мора да ја искорениме од сите места во светот. Македонија е земја која направи конкретни работи во врска со оваа битка- посочил Ердоган.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.