| четврток, 6 декември 2018 |

Шефот на германската дипломатија предупредува на сериозна опасност од војна во 2018 година

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел изјави дека поради растечкото влијание на Кина на светската сцена, САД и Европа треба да се вратат на историските односи и да работат заедно за да не се најдат во ситуација да заостануваат.

Пред светските лидери и претставници од сферата на одбрана на Конференцијата за безбедност во Минхен, Габриел изјави дека САД имаат потреба од Европа исто онолку колку што Европа има потреба од САД. Сега не е време само да се следат националните интереси, рече германскиот министер.

Тој истакна дека по Втората светска војна, Германија имала бенефит од силните односи со САД, учејќи ги од Вашингтон принципите на демократијата, мултилатерализмот, меѓународното право и слободната трговија.

– Можеби со тоа може да се објасни зошто ние Германците особено сме загрижени кога ќе погледнеме кон другата страна на Атлантикот – бидејќи веќе не ја гледаме нашата Америка, потенцира Габриел.

– На почетокот на 2018 година светот се соочува со голем број предизвици од сферата на безбедноста, како и пред заканата од големи конфликти во различни региони, ја пренесува ДПА изјавата на Габриел.

– Предвидливоста и кредибилитетот во моментов се „дефицитна стока“ во меѓународната политика, потенцира Габриел.

– Сирискиот конфликт се движи во насока на „сериозна опасност од војна за нашите блиски партнери”, изјави тој, мислејќи на Турција, членка на НАТО.

Зимските Oлимписки игри во Јужна Кореја само привремено може да ја сопрат „екстремно опасната ескалација околу севернокорејската програма за нуклеарно оружје“.

– Претензиите на Кина за водечка улога, употребата на воена сила од страна на Русија и зголемувањето на национализмот и протекционизам, исто така, претставуваат опасност, заклучи Габриел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top