| четврток, 6 декември 2018 |

Девојчето од „25 Мај“ можеби е жртва на сексуална експолатација

Министерството за труд и социјална политика формирало комисија која детално ќе ги испита случајот за 13-годишното девојче, за кое невладината Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека завчера било подложено на абортус откако забременила по сексуално злоставување како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 мај“.

Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика, изјави дека ако комисијата утврди грешка во работата социјалниот работник, кој го водел случајот на девојчето, Министерството ќе покрене дисциплинска постапка и прекршочна пријава и против социјалниот работник и против раководителот на Центарот за социјални работи.

– Не е точно дека девојчето било злоупотребено додека било згрижено во институцијата. Институцијата во која е сместено е од отворен тип и не може да ѝ се забрани да излезе. Според информациите што ние ги имаме не станува збор за силување, туку за сексуална експлоатација, од надворешно лице. За ова девојче повеќепати интервенирало и Министерството за внатрешни работи, а за секое исчезнување од институцијата во која е згрижено, тоа е воспитно-социјалната установа ’25 мај‘, установата во рок од 24 часа пријавувала во МВР од каде со потерница е барано – рече Царовска.

Девојчето сега претстојува во шелтер центар. Со неа ќе работи и психотерапевт.

Станува збор за девојче од дисфункционално семејство, кое е одземено од родителите 2011 година, кога му е одреден старател од Центарот за социјални работи Скопје. Била одземена од родителите затоа што ја принудувале да питачи. Другите дечиња од ова семејство се починати од злоупотреба на дроги.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top