| четврток, 6 декември 2018 |

ФБИ знаел за убиецот тинејџер

„Би-Би-Си“ наведува дека тинејџерот Николас Круз, обвинет за убиство на 17 лица во средно училиште во Флорида, избегал пред да биде уапсен и бил во „Мекдоналдс“.

Круз, по апсењето и сослушувањето, го признал злосторството, а судијата му одредил притвор без право на кауција. “Круз рече дека тој бил напаѓачот кој влегол во училиштето вооружен со пушка “АР-15″ и почнал да пука во учениците во ходниците”, се вели во судските белешки. Се додава дека, исто така, признал дека со себе носел дополнителна муниција.
19-годишникот, како што е соопштено во записот за реконструкција на злосторството, по пукањето, го фрлил своето оружје и се обидел да се слее со толпата и така да избега. „Би-Би-Си“ објави дека Круз наводно успеал да избега од местото на злосторството и дека бил во „Волмарт“ и „Мекдоналдс“ пред да биде уапсен еден час по нападот.

Во меѓувреме, се појавија нови информации за Круз, меѓу кои дека легално ја купил автоматската пушка, и дека на социјалните мрежи на некој начин можеби го најавил нападот, што беше предмет на истрага на ФБИ минатата година.

ФБИ призна дека во септември минатата година добиле предупредување за заканувачка порака на Интернет: “Јас ќе бидам професионален убиец во училиште”. Овој коментар под име Николас Круз е објавен на туѓ видео-канал, а сега се верува дека тоа го сторил осомничениот за нападот во училиштето.

-Меѓутоа, агентите на ФБИ немаа никакви информации што би откриле “време, локација и вистински идентитет” на лицето кое ја објави заканувачката порака, изјави за новинарите специјалниот агент Роберт Ласки од Џексонвил. Јутјуб ја отстрани заканувачката порака, а ФБИ се откажа од понатамошните истраги.

Во нападот беа убиени 17 лица, 15 беа повредени, а „Би-Би-Си“ објави дека меѓу жртвите досега биле идентификувани 12 ученици на возраст помеѓу 14 и 18 години.

Судијата во Флорида наредил Круз да биде притворен без кауција. Круз се појави на судското сослушување во портокалова униформа со лисици на рацете врзани зад грбот, а неговата адвокатка, која го држеше под рака, не поднесе жалба на одлуката на судот, објави АП.

Како што претходно објави агенцијата, лидерот на расистичката екстремистичка организација Република Флорида Џордан Џереб изјави дека Круз бил член на неговата група и дека учествувал во нивните паравоени вежби во Талахаси.

Николас Круз беше уапсен откако во средата усмрти 17 лица во средно училиште во Паркленд во Флорида и е обвинет по 17 точки за убиство со умисла. Џордан Џереб објасни за АП дека неговата група сака Флорида да стане нивна лична држава на белци и истакна дека тој лично не го познавал Круз и дека “тој дејствувал по сопствено убедување во однос на она што го сторил и само тој е одговорен за тоа”.

Џереб, исто така, рече дека Круз имал проблем со девојката и дека верува оти времето на нападот кој е изведен на Денот на вљубените не било случајно. Како што претходно објави АП, американскиот претседател Доналд Трамп во говорот пред нацијата за трагичниот настан во Флорида изјави дека ниедно дете не треба да оди на училиште плашејќи се за својот живот и оцени дека луѓето се “обединети како едно големо американско семејство”.

Тој, исто така, најави дека ќе патува во Флорида за да се сретне со семејствата на жртвите, а американската агенција истакна дека Трамп не споменал оружје или контрола на оружјето.Круз е поранешен ученик на училиштето каде што го извршил нападот. Ова е, како што објави „Би-Би-Си“, веројатно 18-тото пукање во американско училиште оваа година, а 291 од 2013 година.

До пукањето дојде во училиште во градот Паркленд, околу 72 километри северно од Мајами, кое го посетуваат повеќе од 3.000 ученици.

 

извор: text.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top