| четврток, 6 декември 2018 |

Градот ќе доделува спортски стипении за средношколци

Градот Скопје, преку својата програма за активностите во областа на спортот и младите, традиционално издвојува значителни средства за поддршка на средношколскиот спорт.

 

Градоначалникот Шилегов информира дека годинава за мотивација на средношколците Градот Скопје ќе доделува и  стипендии за спортисти–средношколци во  средните училишта на неговата територија, и дека паралелно со реконструкцијата на училишните објекти ќе се направи реконструкција и на  спортските сали.

Наградниот фонд кој е предвиден за стипендии изнесува 3 милиони  денари, што значи дека  Градот ќе стипендира вкупно 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици, со по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година.

Исто така, како и секоја година, најдобрите екипи од средните училишта и годинава ќе имаат можност за една убава спортска дружба со  нивните врсници од странство.  По успешните гостувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и Белград, Градот Скопје годинава обезбеди буџетски средства за патување во еден од европските збратимени градови за најдобрите средношколски екипи во мал фудбал, одбојка, ракомет и кошарка, во женска и во машка конкуренција.

Бројот на учесниците во овие лига и турнир систем натпревари во средните училишта секоја година  се зголемува, а годинава веќе ја надмина бројката од 6.000 ученички и ученици од 29 средни училишта во Скопје.

Секако, за масовноста на овие лиги свој придонес имаат и професорите  коишто амбициозно  создаваат спортски генерации и  го поттикнуваат натпреварувачкиот  ентузијазам кај своите ученици.

За организација на средноучилишниот спорт во Скопје, Градот годинава од  својот буџетот одвои 2,3 милиони  денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top