Во рамките на традиционалната манифестација „Скопско лето“ покрај многубројните концерти, театарски претстави, проекции на филмови, Дуња Иванова вечерва ќе одржи несекојдневен концерт за пијано со музика од Лудовико Еинаудо и Филип Глас. Невообичаен е изборот на композиторите и музиката, но за оние кои ја следеле Иванова знаат дека таа пред неколку години, исто така на „Скопско лето“, имаше концерт на кој изведе дела од Збидњев Прајснер, напишани за кинематографските остварувања на Кшиштов Кишловски. На програмата се: „Dolce droga“, „La linea scura“, „Nuovole nere“, „ Ombre“, „Le onde“, „Una mattina“ и „Password“ од Лудовико Еинауди, како и „Modern love waltz“, „I’m going to make a cake“, „An unwelcome friend“, „The poet act“ и „The hours“ од Филип Глас.
-Музиката зад која се потпишуваат Лудовико Еинауди и Филип Глас е предизвик за сетилата. Кога еднаш ќе го чуете нивниот звук тој со денови ви циркулира низ свеста, ви ги предизвикува емоциите и фантазијата. Посебно сум среќна што ја имам можноста на оваа музика да ѝ дадам шанса да прозвучи и кај нас. Еинауди и Глас се препознатливи по минималистичкиот манир. Тие не нудат ништо револуционерно во композициска смисла, но музичките средства ги комбинираат совршено и на тој начин успеваат да се обратат директно и да допрат до најинтимните чувства. Се надевам дека овој концерт, како едно продолжување на оној пред неколку години посветен на Збигњев Прајснер, ќе отвори нови хоризонти не само за мене, туку воопшто за сите љубители на музиката – констатира Иванова.
Дуња Иванова е родена 1985 година во Скопје. Магистрира на одделот за пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје и на Катедрата по естетика на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што во моментов е докторант. Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМ БУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, а досега настапувала во Париза, градот на уметностите, на фестивалот „Сараевска зима“, во Рагуза, Сицилија, во три наврати на „Скопско лето“, на „Охридско лето“, на „Музика вива“, на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ – Битола, на Денови на полската култура во Македонија, на Денови на македонската музика, со оркестарот на МММ, на чембало на Концертот за барокна музика, во рамките на балетски претстави итн.
Автор е на книгата „Естетското доживување на музиката“, објавена во 2010 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.