Настапот на женскиот боб-тим на Јамајка, кој треба да дебитира на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, е ставен под знак прашање, откако поради протестот на тренерот Сандра Киријазис може да остане без санка.
Германката Киријазис, која е повеќекратна светска шампионка и освојувач на злато од Торино во 2006 година, смета дека е исфрлена од тимот со тоа што ѝ е сменета улогата. Меѓутоа таа исто така смета дека е правно одговорна за санката и дека поради тоа ќе ја одземе, па тимот нема да има со што да се спушти низ стазата и да се натпреварува.
– Никогаш во животот не сум имала вакво разочарување во овој спорт – вели Киријазис.
Таа според договорот требала да биде тренер на тимот, но од Јамајканската федерација е прераспределена во аналитичар на патеката, што би значело да нема пристап до натпреварувачките. Киријазис потенцира дека е одговорна за санката, бидејќи самата ја набавила благодарение на своите познанства.
– Членовите на екипата не разбираат зошто се случи ова и немаат проблем со мене. Ние сме во добри односи, нагласува таа.
Јамајка е позната по тоа што нивниот машки боб-тим имаше легендарен дебитански настап на Игрите во Калгари во 1988 година, а 30 години подоцна во Пјонгчанг има шанса да дебитира и женската екипа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.