Од состојбата во културата не се незадоволни само кумановските актери кои реагираа. Еден од скопските култни рок ликови Тоше Филиповски исто така незадоволен од случувањата во оваа област. Тој на граѓаните им се обраќа преку својот Фејсбук профил.
– Почитувани пријатели, музичари, сите драги луѓе од музичкиот свет, обични подржувачи на македонската рок сцена. Би сакал да ве информирам дека по шест години истражувања, архивирање, селектирање, групирање, реконструкции и пишувања јас сум готов! Капиталното дело за секоја држава, пишаниот доказ на секој еден народ за прапочетоците, постоењето и развивањето на автентичен музички урбан живот во една држава, Енциклопедијата (во случајот Македонска рок енциклопедија (1960-2017) – прв том) е завршена! Истата содржи биографии на 333 музички состави (рок, џез, блуз, рап, фанк, њу вејв, поп рок, панк, хеви метал, ворлд мјузик, психоделични, бит, д-бит, њу роматик, кавер …..) кои во периодот од 1960 до 2017 година создавале на тлото на Македонија. На околу 400 страни со преку 400 фотографии е проследен музичкиот развој на преку 2000 музичари, со безброј информации/факти за одржани концерти и нотирани повеќе од 1000 изданија создадени овде, на ова тло. И како што напоменав, ова е само прв том. Во следните две години ќе бидат објавени уште два тома, во секој со по уште 333 биографии за бендови и соло автори и во последната посебен дел за луѓе кои не биле музичари а активно дејствувале во креирање и развој на сцената – информира Филиповски за делото.
Но, како што вели, последните напишани зборови во Енциклопедијата коинцидираат со објавувањето на резултатите од конкурсот во министерството за култура.
– И јас како и секој обичен граѓанин на оваа држава, конзумент и партиципиент на културата, аплицирав и се надевав дека Македонија ќе ја препознае потребата од постоење на издание со вакви историски димензии и автентична тежина и истото ќе го помогне во делот на покривање на трошоците за лекторирање/подготовка за печатење-прелом/дизајн на изданието и насловната и самото печатење на Енциклопедијата. Искрено верував дека ќе ја сфатат потребата од енциклопедијата и од неопходното и итно згрижување на македонското музичко културно богатство. Впрочем прогласија и година на заштита на културното богатство а што е музичата историја на еден народ ако не културно богатство? Но се излажав…или поточно НЕ навредија и понижија – заклучува Филиповски.
Според него доделените 200.000 денари како сума е за почит и можеби доволна за некој друг проект од фолклорот на заедниците (за кој најмногу се грижат), но за покривање на горе споменатите трошоци за подготовка на Енциклопедијата се недоволни, или се доволни само за првите споменати ставки (лекторирање, дизајн, прелом, ….) за да истото изгледа како што треба. За самото печатење не се доделени средства па останува истото да го направам како фанзин-фотокопирано. Се шегувам се разбира. Нема да дозволам никој да си поигрува со вашиот 57 годишен труд, смета Филиповски.
– Државата (поточно луѓето кои ја репрезентираат истата) во која живееме и создаваме за жал го потценува доприносот во создавањето на македонскиот идентитет, категоричен е тој.
За март најави промоција. Според него министерот и надлежните во министерството несериозно го разгледале проектот.
– Само како илустрација дека односот на комисијата, службите и министерот се чудно селективни и понижувачки кон ова дело: за литературни дела/преводи/поетски творби и слични, далеку помали по обем и технички ангажман потребен за подготовка се доделувани по 150 до 200.000 денари. За солистички концерти (не турнеја туку еден единствен настап) на репродуктивни уметници се доделувани средства помеѓу 200 до 300.000 денари – вели Филиповски заклучувајќи дека средствата се распределуваат несоодветно.
– И за крај, ве уверувам, јас продолжувам со борбата на сите фронтови, за создавање на нормални услови за развој и просперитет и генерално подобра македонска рок сцена, посочува Филиповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.