| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на првиот од трите тома Македонска рок енциклопедија од Тошо Филиповски

Македонска рок енциклопедија (1963-2018) – Прв том – приредена од Тошо Филиповски ќе биде промовирана вечер од 20 часот на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ).

Енциклопедијата, издание на речиси 500 страници објавена од „Corpus Delicti Records“ во 1000 примероци, содржи податоци за 333 македонски музчки состави од различни жанрови (рок, џез, блуз, електронска музика, хип хоп, ворлд мјузик, поп-рок, панк, хеви метал, реге, ска…), околу 2.500 спомнати музичари, повеќе од 400 фотографии. Биографиите се хронолошки приказ на снимки, изданија и концерти, со прецизно забележување на сите достапни информации за еден бенд.

Во енциклопедијата има биографии и за неколку џез-, ворлд-мјузик, електронски, амбиент-, хип-хоп, акустични и поп-рок состави а, се разбира, и за оние што некако „поприродно“ се поистоветуваат со рок-културата: класичен рок, гараж, панк, хеви-метал, ска, реге, блуз, фанк, психоделија, индустриал. Во неа нема простор за шлагерски, фестивалски, поп- и фолк-изведувачи.

Филиповски интензивно почнал да работи на Енциклопедијата во 2015, а пред десетина месеци го добил и финалниот костур на книгата.

Во неа има биографии на 333 бенда, сосема случаен број добиен од едноставна математичка поделба на претпоставените 1000 единици – бендови, соло-изведувачи и луѓе од сцената – што треба да бидат опфатени со трите планирани тома на Македонската рок-енциклопедија.

Огромен број готови, но и недоработени материјали, недовршени комуникации и резултати од нови „прекопувања“ по македонската музичка историја, кои не успеав да ги вметнам во овој, ќе бидат составен дел од вториот том на Македонската рок-енциклопедија, вели Филиповски во предговорот на книгата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top