Приказната на 23-годишниот Двејн Дејвис е вистински раритет во светот на професионалните спортови, а кошаркарот од Пенсилванија од бездомник има шанса да стане НБА ѕвезда што ќе се појави на утрешниот драфт во најсилната кошаркарска лига на планетата.
Како 13-годишно момче Двејн останал без мајката, а таткото уште претходно го напуштил, очувот немал пари да го одржува семејството, па голобрадото дете морало да се грижи и за себе и за својата помала сестра. Честопати спиеле во центрите за бездомници, или во старото комбе што останало од починатата мајка. Пари за храна наоѓал продавајќи украдени конзоли за Плејстејшн.
„Беше тешко да се справите со сите предизвици на таа возраст, но уште потешко ми беше да ги молам роднините да ми помогнат. Сакав да ги решавам проблемите сам, без да барам милост од никого“, вели Дејвис. Тој има изгледни шанси да се најде на драфтот, а многу му помогна огромниот талент за кошарка, но и менталната сила и цврстина што ги стекна, минувајќи низ тешки искушенија.
Двејн остави силен впечаток на камповите што НБА екипите ги организираат во потрага по талентирани кошаркари. Тој има факултетска диплома, а животот го научи да биде скромен.
Кога од таборот на Чикаго булс му се јавиле да му испратат лимузина за да стаса на тренинг, Дејвис ги одбил, со одговор дека не се срами да се вози со такси. На шега го нарекуваат „Rifleman“, или човекот со пушка, поради неговата прецизност. Велат дека знае да упати рафална стрелба кон противничкиот кош и тоа без промашување.
Сега се е во рацете на Двејн, кој има шанса трагичниот почеток на животот да го претвори во вистинска бајка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.