Националната установа Завод и Музеј-Битола презема активности за заштита на објектот Џепане во пределот на Тумбе Кафе, во непосредна близина на рекреативниот дел на градот.
Од НУ Завод и Музеј-Битола информираат дека во оваа фаза се спроведуваат мерки за заштита на објектот од несовесни граѓани и предизвикување штети, а напролет ќе се интезивираат активностите за адаптација во простор за културни активности.
– Иницијативата на НУ Завод и Музеј-Битола е во догледно време да го стави објектот Џепане во културна функција. Интервенциите кои што сега се вршат се за заштита на објектот, а потоа со изработка на проект за реставрација и конзервација, објектот ќе се санира. Крајната цел е тој објект ќе биде културен простор во кој што ќе се одвиваат културни активности, за што отворена и јавна поддршка добивме и од Министерството за култура, посочуваат од националната установа.
Битолската тврдина Џепане, или поранешната барутана, која како магацин за оружје, строго забранет за јавноста ја користеле различни војски, денес е празен неискористен и нефункционален простор.
Џепането е изградено пред околу 150 години и претставува споменик на културата од прва категорија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.