| четврток, 6 декември 2018 |

Белградски ФЕСТ: Манчевски избран за претседател на жирито во главната програмата

Македонскиот режисер, сценарист, фотограф и уметник Милчо Манчевски кој живее и работи во Њујорк е избран за претседател на жири-комисијата во главната програма на 46. Меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белрад кој ќе се одржи од 23 февруари до 3 март.

Во главната конкуренција на 46. ФЕСТ ќе се натпреваруваат 16 остварувања од Унгарија, Данска, Иран, Кина, Аргентина, Либан, Грција, Хрватска, САД, Русија, Италија и Швајцарија, а за победниците во оваа селекција ќе одлучува меѓународно петчлено жири на чело со Манчевски.

Освен Манчевски, во составот на комисијата се уште и Јован Јовановиќ, Елма Татрагиќ, Мила Турајлиќ и Гордан Кичиќ.

„Најдобриот филм од оваа селекција ќе го добие признанието Белградски победник, а ќе бидат доделени и награда од жирито, награда за најдобра режија, сценарио, главна машка улога, главна женска улога, како и најдобар дебитантски филм“, соопшти ЦЕБЕФ.

Дебитантскиот филм на Манчевски „Пред дождот“ (1994) беше номиниран за Оскар, ја освои наградата Златен лав на Филмскиот фестивал во Венеција, како и наградите ФИПРЕСЦИ и Независен дух, како и 30 други признанија, стои во соопштението од фестивалот.

„Њујорк тајмс“ го вброи во листата 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

Манчевски исто така ги има режирано долгометражните филмови „Бикини мун“ (2017), „Мајки“ (2010), „Сенки“(2007) и „Прашина“ (2001), како и една епизода на серијата „Wire“ на HBO.

„Бикини мун“ ќе се прикажува во рамки на селекцијата „ФЕСТ претставува“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top