| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на грипосани, за една недела 2.001 случај

Во текот на изминатата недела (од 29 јануари до 4 февруари), во Република Македонија се регистрирани 2.001 заболен од грип, што е зголемување за 84 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 1.085 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 563 заболени, постои зголемување на бројот на заболени во петтата недела за 3,6 пати. Регистрираната инциденца и oваа недела е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно над прагот што означува влез во сезоната на грип.

Во петтата недела најголем број заболени – 1.239 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 173,7 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица – 333 се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар, а највисока инциденца 353,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Дебар.

Oд вкупно 31 извештајна единица во земјата, само на подрачјето на ПЕ Дебар се регистрира многу висока активност; на подрачјето на ПЕ Гостивар – висока активност, на подрачјето на пет центри за јавно здравје/подрачни единици – средна активност, на подрачјето на девет центри за јавно здравје/подрачни единици – ниска (сезонска) активност, во девет извештајни единици се регистрира многу ниска активност на вирусот на грип, а останатите шест извештајни единици оваа недела не пријавиле заболени од грип/ заболувања слични на грип.

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 5.479. Регистрираниот број на случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона (33.497).

Досега, најголем број на заболени лица – 1.220 се регистрирани во ПЕ Гостивар, а поголем број е пријавен и во Центарот за јавно здравје Тетово (638) и Центарот за јавно здравје Куманово (600). Највисока инциденцата од 1.444,8 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.

Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 3.546 случаи (65 отсто), а највисока кумулативна инциденца од 381,1 на 100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените и достигнување врв во јануари (2.396 заболени или 44 отсто), но со приближно ист број на заболени за 4 дена од февруари (2.001 или 37 отсто).

Се нотира заедничка циркулација на инфлуенца А и инфлуенца B вирусот во републиката.

Во текот на петтата недела од годинава, во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје тестирани се 22 материјали за грип. Од тестираните материјали, 14 (63,6 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – осум инфлуенца B (Yamagata), пет инфлуенца A(H1N1)pdm и еден инфлуенца А – несуптипизиран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top