| четврток, 6 декември 2018 |

Над илјада новозаболени од грип минатата седмица

Според податоците на Институтот за јавно здравје, минатата седмица се пријавени 1.085 новозаболени лица од грип и на грип слични заболувања, што е зголемување од 70 отсто во споредба со минатата седмица кога беа регистрирани 637 заболени лица.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 1.919 случаи, постои намалување од 9 отсто на бројот на заболени.

Минатата недела најголем број заболени – 699, се пријавени во најголемата возрасна група од 15 до 64 години, а највисока инциденца од 71,7/100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5 до 14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица (n=292) и највисока инциденца (243,8/100.000 жители) се пријавени од подрачјето на Гостивар.

Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 3.478 (I=168,1/100.000). Регистрираниот број случаи е повеќекратно помал во споредба со истиот период од минатата сезона (32.934).

Досега најголем број заболени лица – 887, се регистрирани во Гостивар и 413 во ЦЈЗ „Тетово“, а највисока инциденцата од 1.091,7 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Дебар. Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15 до 64 години – 2.307 случаи (66 отсто), а највисока кумулативна инциденца од 207,4/100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5 до 14 години.

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Минатата недела во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ тестирани се 21 материјал за грип. Од тестираните материјали, 8 се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – 5 Influenza B (Yamagata) и 3 Influenza A(H1N1)pdm.

Од почетокот на сезоната 2017/2018 во ИЈЗ пристигнати се 132 хумани материјала од здравствените установи, од кои 21 (15,9 отсто) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, од кои 9 се Influenza A (8 суптипизирани како А(H1N1)pdm и еден А-несуптипизиран), а 12 се Influenza B (Yamagata).

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИПОТ

Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација во јавните здравствени установи за оваа сезона беа 27.997 дози.

Искористени се сите набавени вакцини – вакцинацијата против сезонски грип е завршена на територијата на РМ. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5 отсто. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2 отсто се со историја на хронично/и заболување/а.

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Во согласност со извештајот на Flu News Europe за состојбата со грипот во сезоната 2017/2018, во Европа се регистрира широка распространетост на активноста на вирусот на грипот во најголем дел од земјите од регионот, а се зголемува во земјите од источниот дел од континетот. Низок интензитет на активност се регистрира во 21 земја, среден во 16, а во 5 (Италија, Ирска, Луксембург, Малта и Шпанија) се регистрира висок интензитет на активност на вирусот на грипот. Во однос на географската распространетост, во 7 земји се регистрира спорадична, во 4 локална, во 7 регионална и во 22 широка распространетост.

Врз основа на податоците доставени до EuroMOMO, во текот на изминатите недели се зголеми смртноста кај старите лица, особено во земјите од јужниот дел од Европа и Велика Британија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top