| четврток, 6 декември 2018 |

Димитров и Коѕијас идната недела ќе се сретнат со Нимиц, преговорите добиваат интензитет

Се интензивираат преговорите за проблемот што го има Грција со нашето уставно име. Македонскиот премиер Зоран Заев вчера потврди дека следната недела ќе се одржи нова средба на министерско ниво во рамките на процесот за преговори под посредништво на медијаторот Метју Нимиц и рече дека не гледа потреба за промена на Уставот на земјава.

– Барањето за промената на Уставот во разговорите за името се грчки став, но ние имаме наш. Македонија го промени својот Устав во 1993 година да го допрецизира членот 49 вградувајќи го амандманот 2. Ние направивме голем чекор за да го отстраните иредентизмот. Во моментов се што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални или какви било, дека Македонија нема иредентистички побуди. Македонија сака да гради пријателство, и од тој аспект, не гледам потреба за тоа, рече Заев.

Тој повтори дека решението за името мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни и тука нема дилеми. За најавите од грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, дека подготвува драфт верзија на меѓународен договор, Заев рече дека Македонија е подготвена да искористи се што постои како можност за решение, бидејќи спорот треба да заврши со постигнување меѓународен договор.

Од Кабинетот на Ивнанов вчера потврдија дека претседателот на Република Македонија не е информиран за каков било постигнат договор меѓу македонскиот и грчкиот премиер од нивната средба во Давос, на кој договор се темелат јавните изјави на министерот за надворешни работи на Грција.

По промената на името на скопскиот аеродром, грчките медиуми не ја исклучуваат можноста шефот на грчката дипломатија да го посети Скопје. Коѕијас изразил желба да биде првиот кој од Атина, авионски би дошол во Скопје. Сепак, за тоа нема потврда.

Останува отворено прашањето дали евентуалното патување од Атина во Скопје, би било со грчки владин авион или пак со лет на грчката компанија Аегеан аирлинес, која пред четири месеци, официјално најави дека Скопје е една од новите дестинации што се воведуваат во 2018 за директни летови од Атина.

Британскиот Дом на лордови, пак, побара од Владата во Лондон да се заложи Македонија да стане членка на НАТО без оглед на тоа дали ќе биде решено прашањето за името.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top