Срамно однесување, погазување на дипломи, подлегнување на притисоци. Ова накусо е заклучокот на судиите од Основниот суд Скопје 1 Скопје со кои разговараше порталот Денешен.мк, а кои опишуваат каков хаос се случува во Кривичниот суд и со какви притисоци се соочуваат судиите кои имаат предмети од СЈО.
Иако судиите отворено говорат за случувањата во Кривичен, поради, како што велат чувствителноста на темата во овој период, побарале да останат анонимни.
– Ги знам повеќето од предметите. Се срамам и од себе и од колегите. Вакво газење, вакво себе понижување не сме си дозволиле никогаш досега. Прво, срамно е за фелата, што Апелација подлегна на притисокот и одлучи спротивно на закон, незаконски стекнатите аудио материјали да ги прифати за доказ. Законот за кривична постапка е толку јасен што појасен не може да биде, дека тоа е спротивно на законот. Мислам дека притисокот во Апелација не беше само од СДСМ, туку и од некои надворешни фактори, но сите се плашиме да зборуваме за тоа, раскажува еден средовечен судија.
Тој додава дека мислел дека Шопова има интегритет, но по него не излегло така.
– Се покажа дека нема интегритет. Сигурно ја уценија со нешто. Стар судија е, со углед. Знаела да издржи притисоци. Срамно ја завршува кариерата. Ние во Основниот суд Скопје 1, барем за тој дел некако издржавме и не попуштивме, не си ја погазивме дипломата, иако на крајот, во последно време влезе таков страв, што некои колеги, кои два три месеци претходно потпишуваа дека снимките се незаконски, како на пример Тања Михајлова, на крајот се поплука самата себе, и потпиша дека се законски. Жената беше на граница на нервен слом и покренаа постапка за разрешување пред советот за факти и не можеше да издржи. Ја разбирам. Потпишаа и други со неа во истиот предмет, се солидаризираа со неа, а и тие беа под страв. Среќни сме што завршивме со преместување, ако не направевме така, можеше и полошо да поминеме, коментира судијата.
Друг судија вели дека сите ја знаат праксата на Стразбур за помилувањата, односно аболициите.
– Еднаш дадена аболиција за предмет за Стразбур е секогаш на сила. Има многу случаи во Стразбур каде судот така пресуди. Помилување не може да се отповика. Дури и ако се отповика, судот не го прифаќа. Ние како земја се имаме обврзано дека ќе ја следиме праксата на Стразбур. Кога некои од обвинетите се повикаа на помилувањето од претседателот, сите знаевме како е правилно да постапиме. Но, ниту еден од нас, вклучувајќи се и себе, немавме храброст да го прифатиме тоа. Знаеме дека ако се жалат во Стразбур ќе добијат, ама ова е време кога треба да се преживее, вели тој за Денешен.
Прашан за тоа зошто немале храброст и од што конкретно се плашеле, тој вели „Зарем не гледате во какво време живееме?“.
– Ќе не разрешат од судии, ќе се соочиме со медиумски линч, а може и да не седнат на обвинителна клупа. Цела кариера, цел живот да ти се уништи. Погледнете на Панчевски што му направија, поранешниот претседател на суд. Претреси, постапки, СЈО, суспензии… го уништија човекот. Ние имавме по некои забелешки за него, ама ова што му го прават е линч, вели судијата.
Слична атмосфера, за порталот опишува искусна судијка која сега е во казнената експедиција испратена од разрешените. Таа ни рече дека во последната година во судот има таков страв меѓу судиите, што престанале да си одат од една во друга канцеларија на кафе или за било што, за да не ги регистрира камерата дека отишле кај друг судија и да им отворат постапка дека се мешаат во некој негов предмет.
– Ако не се решат политички случаите од СЈО, повеќето ќе бидат осудени, иако немаат никаква вина. Ќе ги осудат и око нема да им трепне. Сега пак овие новите судии, сите до еден се со силни фрустрации кон ВМРО-ДПМНЕ. Тие и да не ги притиска никој, со задоволство ќе ги осудат. Страшно, вели судијката за Денешен.
За новиот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, кој беше избран како седмо пласиран, нешто што е преседан откако е воведен новиот систем на бодување, мислењата се поделени околу тоа кој му завршил работа. Дел мислат дека е СДСМ, дел дека е протежиран од една значајна амбасада заинтересирана за случаите на СЈО.
Некои пак сметаат дека и двата центри имале влијание. Но, познато е дека иако за прв пат се избра седмо пласираниот наместо првопласираниот, немаше никаква реакција од меѓународниот фактор. Истиот сега го диктира брзото темпо на судење врз обвинетите од СЈО и за истото свикува состаноци и врши координација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.