| четврток, 6 декември 2018 |

Наградите на ДПМ за Јагода Михајловска- Георгиева, Ристо Василевски, Ангелина Бановиќ-Марковска и Васил Мукаетов

Романот „Манастир Фуентерабија“ на Јагода Михајловска- Георгиева ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело во 2017 година. Ристо Василевски ја доби наградата „Ацо Шопов“ за поетската книга „Оди во кругот“, Ангелина Бановиќ-Марковска е добитничка на „Димитар Митрев“ за книгата есеи „Дискурс и екскурс“, на Васил Мукаетов му е доделена наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца – за стихозбирката „Скокни, прескокни“, а Љерка Тот Наумова ја доби годинашната награда „Книжевен мост“ за книга објавена на некој од јазиците на националностите – за „Невидлива врата“, книга поезија на хрватски – мајчин јазик на авторката.

На конкурсот на ДПМ пристигнале 76 книжевни дела објавени минатата година, а за петте годишни награди одлучија пет тричлени жири-комисии. За романот на Јагода Михајловска-Георгиева жирито образложи дека раскажува уникатна и во исто време универзална приказна која според многу нешта е отпорна на временски и на просторни ограничувања. Во потесен избор за наградата „Стале Попов“ биле најновите романи на Оливера Николова, Луан Старова, Блаже Миневски и Оливера Ќорвезироска.

– Ми значи оваа награда, како и сите награди. Не како обврска за понатаму уште повеќе да пишувам, туку како препознавање и затоа што секогаш се надевам дека наградите ги поттикнуваат читателите да се тргнат малку од фејсбуците, рече наградената Михајловска- Георгиева.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top