| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјани се гушат: Висока загаденост, а мерки нема

Скопјани повторно се гушат.  Аерозагадувањето непрекинато ја надминува дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен. Изминативе два дена смог и мирис на изгорено ги разбуди скопјани. Најкритично е во Лисиче, Карпош и Гази Баба и тоа посебно во ноќните часови каде нивото на ПМ 10 честички надминува и 300 микрограми на метар кубен. Надлежните не реагираат, а ниту пак нудат ефикасно решение.

Од град Скопје се правдаат не било доволно загадено за да ги активираат итните мерки за намалување на загадувањето, топката ја префрлаат на министерството за животна средина, чекале информации од нив.

И покрај големата загаденост овие денови не видовме ништо од вонредните мерки кои градот сезонава ги воведе само двапати, иако загадено е скоро секој ден.

Загаденоста е висока и покрај мерките на Дрисла која беше посочена како главен трујач на главниот град.  Мерките се спроведуваат доколку нивото на загаденост е над 200 микрограми на две мерни станици два дена последователно. Еколошките здруженија реагираа дека ваквиот принцип е неефикасен и не ги штити граѓаните. Предлагаа спуштање на границата, но засега од тоа нема ништо.

Клиниките секојдневно се полнат, а Скопје изгледа како сцена од апокалиптичен филм. Жителите се шетаат со заштитни маски и се плашат за своето здравје. Први на удар од аерозагадувањето се хронично болните и малите деца. Лекарите советуваат да не се излегува надвор во деновите кога има висок степен на загаденост и да се купат прочустувачи на воздух.

Викендов  пак дел несовесни скопјани, намамени од сонцето, ги запалија своите автомобили и се качија на Водно и покрај воведените мерки и забрани за движење со автомобили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top