Во Кинотеката на Македонија од 22 до 27 јануари ќе се одржи филмскиот циклус посветен на современиот ирански филм. Програмата се реализира со помош на Амбасадата на Исламска Република Иран во Скопје, во чија селекција се и филмовите. Проекциите се со почеток во 20 часот, а влезот е бесплатен.
Во рамки на Деновите на иранската кинематографија ќе бидат прикажани филмовите „Слаткиот вкус на имагинацијата“ (2014) во режија на Камал Табризи (22 јануари), „Еднаш, љубов и предавство“ (2014) во режија на Давуд Бидел (23 јануари), „Базен за сликање“ (2013) на Мазиар Мири (24 јануари), „Сосема сам“ (2013) во режија на Ехсан Абдипур (25 јануари), „Коцка шеќер“ (2011) во режија на Реза Миикарими (26 јануари) и „Толку блиску, а толку далеку“ (2005) во режија на Реза Миркарими (27 јануари).
Иранската кинематографија е една од најистакнатите светски кинематографии. Иранските филмови се препознатливи по својот реализам, непретенциозност и едноставност во изразот. Но, преку тие навидум мали приказни се рефлектира не само иранското општество туку и некои универзални човекови дилеми. Такви се и филмовите од оваа селекција. Тоа се филмски наслови од поновата иранска продукција, од признати ирански режисери, директори на фотографија и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.