| четврток, 6 декември 2018 |

Берлин годинава воведува „безбедна зона“ за жените на Новогодишната ноќ

Покрај безбедносните мерки за заштита од терористички напади, полицијата во германскиот главен град Берлин најави дека ќе воспостави и посебна зона за жени, во која посетителките на новогодишната прослава ќе може да се чувствуваат безбедно. Одлуката доаѓа откако стотици жени пријавија дека биле малтретирани и допирани за време на прославата во Келн, пред две години.

Полицијата во Келн годинава работела на над 1.200 пријави за малтретирање, од кои над 500 биле за сексуален напад. Масовните инциденти придонесоа кон јавен отпор против мигрантите во Германија, кои беа обвинети дека извршиле најголем дел од овие напади. Поради тоа, во близината на Бранденбуршката порта ќе има специјална зона за женските посетители.

Се очекува над 100.000 луѓе да се соберат во центарот на Берлин, каде е предвидена голема забава со жива музика и ди-џеј настапи. Освен големите полициски сили кои ќе ја обезбедуваат прославата, берлинската полиција соопшти дека на располагање ќе биде и психолошка служба, да помогне доколку некој биде нападнат.

Дополнително обезбедување е поставено и поради опасноста од напади со камиони, откако минатата година 12 лица беа убиени а над 50 ранети кога исламист влега со камион во божиќен пазар во Берлин.

И во други градови низ светот, полициските служби најавија нови, засилени мерки на безбедност. Во Турција беа уапсени 120 осомничени исламисти кои планирале новогодишни напади во Истанбул и во други турски градови. Минатата Нова година 39 посетители на ноќен клуб во Истанбул беа убиени од страна на исламист вооружен со автоматска пушка. Во Русија, претседателот Владимир Путин и нареди на полицијата да стрела доколку се соочи со исламисти, откако десетина лица беа повредени од бомба подметната во Санкт Петерсбург. Претходно, Путин му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп откако американските безбедносни служби споделија информации за исламисти кои планирале напади во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top