| четврток, 6 декември 2018 |

Не смееме да станеме општество кое е заложник на омразата и прогонот

„Ние не смееме да станеме општество заложник на омразата и прогонот“, порача Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ во новогодишното обраќање до јавноста во Македонија.

„Европската Унија и НАТО мора да станат достижни цели, а членството таму е резултат на макотрпна работа, а не протоколарни состаноци и опасни импровизации. Потребен е политички дијалог, политичките субјекти во Македонија не смеат да бидат непријатели, туку конкуренти чиј натпревар е обезбедување подобар живот за граѓаните. Дијалогот е двостран процес. За него е неопходно разбирање и поддршка базирана на принципиелни основи. Секако дека има работи за кои како партија ќе оцениме дека вреди да се поддржат и за кои сме убедени дека се од интерес за граѓаните. За да има дијалог, мора да има слобода за искажување на критичката мисла. За да има слобода, мора да се стави крај на политичкиот притисок и одмаздата. Прогонот раѓа и желба за одмазда, а тоа е бумеранг кој се враќа. Владеењето со страв е еднонасочна улица. Ние не смееме да станеме општество заложник на омразата и прогонот“, рече Мицкоски.

Тој подвлече дека надежта можеби кај многумина е мала, но таа не смее да исчезне.

„Македонија може и мора подобро. Македонија мора да оди напред. Следете ме и оваа нова година ќе биде година на нова надеж, и година кога граѓаните ќе ја препознаат вистинската енергија која може да направи подобра иднина за сите. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи и внатрешни промени. И ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати посилно од порано“ рече Мицкоски во новогодишното обраќање до јавноста во Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top