Во НУБ „Свети Климент Охридски“ и официјално се дигитализира богатата ориентална збирка на Библиотеката, а во процесот на зачувување на книжното богатство учествуваат и стручни лица од Институтот „Јунус Емре“ од Турција. Денеска министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, ја посети Библиотеката за да се запознае со процесот на дигитализацијата.
Во електронска форма веќе се зачувани 50 книги, а фондот на оваа збирка брои 265 ракописни книги и фрагменти на арапски јазик од 12 век до 20 век, 107 ракописни книги на персиски јазик од 16 до 19 век, како и 1.050 книги на османлиско-турски јазик од 15 до 20 век. Како што информира вчера директорот на Библиотеката, Миле Бошевски, во присуство на експертите за конзервација и дигитализација на овој вид книжно богатство од Турција, професорот по турски јазик Нуретин Џевиз и Јашар Ајдемир, професор по арапски јазик, предвидено е да бидат дигитализирани околу 1,25 милион страници. Заедничката работа е дел од почнатиот проект „Конзервација и ревитализација на културното наследство на Балканот“, што се реализира во повеќе земји од Балканот под покровителство на Централната банка на Турција.
Проектот, освен конзервација и дигитализација на ориенталната збирка на Библиотеката во нејзините простории, предвидува и четиримесечна обука на нејзини стручни лица во Институтот „Јунус Емре“, кој на НУБ „Свети Климент Охридски“ ќе ѝ подари и соодветна опрема за дигитализација.
– Македонската ориентална збирка е меѓу најбогатите збирки од таков вид на Балканот во која се содржани многу ретки ракописи – рече, меѓу другото, професор Ајдемир, додека неговиот колега Џевиз нагласи дека по посетата на повеќе библиотеки на Балканот, констатирале дека ракописите во ориенталната збирка во Скопје се најдобро зачувани. НУБ „Свети Климент Охридски“ и Институтот „Јунус Емре“ пред 10 дена потпишале протокол за соработка, а во споменатиот проект за дигитализација се вклучени и Србија, Хрватска, БиХ, Косово и Албанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.