| четврток, 6 декември 2018 |

„МакеДокс“ : „Аудиовизуелно образование ‐ иднина или сегашност?“

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ на 11 и 12 декември во кино „Фросина“ во МКЦ во Скопје ја одржа Меѓународната конференција „Аудиовизуелно образование ‐ иднина или сегашност?“, која беше завршна активност на проектот „Ние сме визуелни ‐ едукација и аудиовизуелизација на човекови права“, финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права на Европската Унија, и на проектот „МакеДокс во училница“, финансиран од страна на Националната Фондација за демократија од Вашингтон. На конференцијата присуствуваа 114 учесници од Македонија, Романија, Хрватска, Косово, Холандија, Германија, Босна и Херцеговина и Италија. Меѓу учесниците имаше наставници, ученици, членови на здруженија на граѓани, филмски автори и работници и претставници на образовни институции.

Користењето на аудиовизуелни содржини во наставата е присутно во сите земји од кои имаше учесници. Најчесто се користат документарни филмови и тоа како помошно нагледно средство во општествените науки и изучувањето на јазиците. Заеднички е заклучокот дека користењето на аудиовизуелни содржини во образованието е доста позитивно и потребно и треба да се превземат чекори за негово интензивирање.

Проектот „Ние сме визуелни! Едукација и визуелизација на човековите права“ започна како партнерски проект меѓу „МакеДокс“, „Студиорум“ од Скопје, „Документ“ од Глазгов, Нирнбершкиот меѓународен филмски фестивал за човекови права и филмскиот фестивал „Филмови кои значат“ од Амстердам, со цел да ги унапреди човековите права во образованието преку употреба на документарни филмови.

„МакеДокс во училница“ е проект кој има за цел да ја поттикне употребата на документарни филмови во формалното образование, како и развојот на едукативни материјали кои ќе го олеснат разбирањето на темата и прашањата што овие филмови ги отвораат.

„МакеДокс“ е здружение на граѓани кое има за цел да го промовира и стимулира креативното документарно филмско творештво. Основано е во Скопје во 2010 година. Во изминатите осум години прикажа преку 350 креативни документарни филмови на околу 60.000 посетители на меѓународниот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје; на околу 7.700 посетители на проекции од Патувачкото кино во 58 населени места и села; на околу 1.500 ученици од основните училишта во Скопје кои ја следеа програмата за деца и млади во Кинотеката во Скопје; на 300 наставници од основните и средните училишта низ целата земја кои користат документарни филмови во наставата и околу 80.000 ученици кои гледаат документарни филмови на часови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top