| четврток, 6 декември 2018 |

Донација на дидактички помагала за децата од домот „11 Октомври“

Донацијата вклучува 760 производи, меѓу кои разни едукативни изданија по математика, природни науки, македонски јазик, општество, збирки задачи и активности, тематски читанки, детски класици и лектирни изданија, списанија за ученици, како и разни дидактички материјали, манипулативни и едукативни игри

Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ донираше едукативни изданија и дидактички помагала на НВО Интернационална организација за деца и млади – ХЕСЕД за поддршка и унапредување на образовниот процес кај ранлива група граѓани – деца без родителска грижа, преку проектот „Ментор-Тутор/Имплементација на непосредна цел“, со цел обезбедување на мерлив и одржлив индивидуален образовен развој на децата без родители во ЈУ „11 Октомври“ од Скопје.

– Донираните изданија и материјали ќе бидат наменети за работа со децата во домот ’11 Октомври‘, со цел да ги подобрат образовните процеси и едукативниот сектор во домот – истакна Соња Стамевска, в.д. директор на ЈУ Детски дом „11 Октомври“, Скопје.

– Наставата ќе се реализира со помош на волонтерите на ХЕСЕД, преку примена на креативни методи и техники, употребувајќи ги донираните дидактички материјали – додаде Стамевска.

НВО Интернационална организација за деца и млади – ХЕСЕД веќе има реализирано повеќе волонтерски активности во ЈУ „11 Октомври“ од Скопје, а во тек е активност поврзана со дијагностицирање на посебните образовни потреби и утврдување на фактичката состојба на знаења од редовните наставни предмети кај децата во оваа институција. Тимот на ХЕСЕД е составен од професионалци предадени на развојот на квалитетно неформално образование достапно за сите деца и млади, преку спроведување на креативно-одржливи проекти и активности.

– Во изминатиот период, наставниците и професорите од ХЕСЕД изведоа и повеќе истражувачки активности, како и анализа на достапните дидактички ресурси што можат да помогнат во поефикасна реализација на образовните процеси, при што увидовме дека материјалите што ги нуди ’Арс Ламина‘ се најсоодветни и на потребното квалитативно ниво. Затоа и им се обративме со барање да ја поддржат нашата работа, а тие веднаш ни излегоа во пресрет, за што сме многу благодарни – изјави Марина Христова, претседател на ХЕСЕД.

„Арс Ламина“, како издавач, со години наназад работи успешно во областа на образованието, обезбедувајќи им и на учениците и на наставниците голем број едукативно-дидактички производи за полесно совладување на наставните содржини.

– Како општествено одговорна компанија секогаш сме отворени и подготвени да помогнеме онаму каде што е потребно, а сето тоа е во насока на нашата мисија да го направиме образованието поиновативно и поефикасно, но и подостапно за секого – изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Донацијата вклучува 760 производи, меѓу кои разни едукативни изданија по математика, природни науки, македонски јазик, општество, збирки задачи и активности, тематски читанки, детски класици и лектирни изданија, списанија за ученици, како и разни дидактички материјали, манипулативни и едукативни игри, во вкупна вредност од 70.000 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top