Судијката во Апелацискиот суд, Тања Милева, која е сопруга на членот на Државната изборна комисија (ДИК) од СДСМ, Игор Милев, побара изземање од предметот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, јавува Макфакс.
Токму таа била поставена за судија известител на судечкиот совет кој треба да донесе одлука дали видеото од посебните истражни мерки, кое беше објавено на „Јутјуб“, може да биде доказ во постапката што се води против Заев во кривичниот суд.
На ваквиот скандалозен избор на судии реагираа и повисокот рангираните судии кои според сите правила и критериуми, требало да бидат избрани конкретно за овој предмет.
Ако се гледа според рангот, на местото на Милева требало да биде избран судијата Лазар Нанев, но сепак тој е прескокнат и на негово место е избрана Милева, што според Нанев е нелогична работа. Во неговиот допис објавен во емисијата „360 степени“ тој пишува дека Судскиот совет требало некому да му се одолжи, па затоа била назначена Милева.
– Сега кога сум прворангиран важат некои други само за нив познати критериуми. Очигледно судскиот совет имал потреба некому да се оддолжи, според тефтерче или овој пат електронска или друг вид на комуникација. По доставувањето на одлуката ќе биде поведена постапка за судска заштита пред домашните судови, особено што сметам дека одлуката е донесена како резултат на криминал од омраза и нетрпеливост, а потоа и постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што веќе имам ангажирано полномошник, кој ќе ги застапува моите права и ќе ја подготви апликацијата, пишува Нанев, судија во судот во Кавадарци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.