| четврток, 6 декември 2018 |

Поради голем интерес и преполна сала „Македокс“ повторно ќе го прикаже документарецот „Човекот – делфин“

Благодарение на својата посветеност и дисциплина, човекот-делфин, како што го нарекуваат Мајол, успева да ги помести границите на човечкото тело и ум, а станува главна инспирација и за играниот филм „Големото синило“ на Лик Бесон

Поради големиот интерес на публиката и преполната сала на претходната проекција, но и како желба на подмладокот на „МакеДокс“ по средбата со познатиот актер Жан Марк-Бар, фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ на 12 декември, во 20 часот, во „Кино Култура“, повторно ќе ја прикаже инспиративната документарна приказна за легендарниот Жак Мајол, првиот човек кој ја достигнал длабочината од 100 метри во слободно нуркање.
Благодарение на својата посветеност и дисциплина, човекот-делфин, како што го нарекуваат Мајол, успева да ги помести границите на човечкото тело и ум, а станува главна инспирација и за играниот филм „Големото синило“ на Лик Бесон.


„А сега замисли си дека си делфин и дека живееш слободно според своите потреби. Во секој од нас спие по еден делфин“, вели човекот кој ги помести границите на човечкото тело и ум, но не заради рекордите, ами заради слободата што се раѓа во длабокото, каде што синото повеќе не е сино, каде што небото и чувствата стануваат сеќавања, каде што тишината е потполна, а времето не постои.
Документарниот филм „Човекот – делфин“ е воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ќе ја достигне длабочината од 100 метри со слободно нуркање. Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за „Големото синило“ на Лик Бесон.

Познатиот актер Жан Марк-Бар во друштво со Тера и Нил Феро Селискар

Документарниот филм „Човекот – делфин“ (Dolphin Man, 2017, 78 мин., Франција, Италија) е во режија на Лефтерис Чаритос. Наратор во филмот е познатиот актер Жан Марк-Бар, кој ја има главната улога во филмот „Големото синило“. Продукцијата на филмот е на Реа Апостолидес, Јури Авероф, Ед Баревелд и Естела Робин.
„МакеДокс“ ги реализира проекциите на филмот „Човекот – делфин“ во соработка со „Moving Docs“, платформа која е финансирана од МЕДИА на Креативна Европа.
Билети може да се набават онлајн преку Купи Карти за сѐ и на врата во „Кино Култура“. Билетот чини 100 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top