| четврток, 6 декември 2018 |

Убиени 14 мировници на ОН во Конго

Најмалку 14 мировници на ОН загинаа, а над 40 други се повредени денеска при напад врз база на Мировните сили на Светската организација во Демократска Република Конго.

Како што соопшти раководителот на мировните мисии на ОН, Жан-Пјер Лекроа нападот се случил во провинцијата Киву во северниот дел на земјата. Тој нагласи дека е „запрепастен“ поради нападот.

Портпаролот на ОН, Фархан Хак изјави дека покрај мировниците од Танзанија, при нападот биле убиени и петмина припадници на Армијата на ДР Конго.

Тој прецизира дека нападот бил извршен врз базата на „сините шлемови“ стационирана на околу 45 километри од градот Бени, од страна на бунтовници кои дошле од соседна Уганда.

Според Хак, напаѓачите биле припадници на конгоанската бунтовничка група Обединети демокрартски сили, чии бази се наоѓаат во Уганда.

Нападнатите мировници се припадници на специјалната единица на Мировните сили, која има мисија да учествува и во вооружени операции.

Локални медими јавија дека судирите во базата траеле околу четири часа. Засега нема информации за жртви во редовите на напаѓачите.

Денешниот напад претставува еден од најтешките случаи на насилство врз припадниците на ОН.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш оцени дека нападот претставува „воено злосторство“.

Како што јави МИА, Мировните сили во ДР Конго се распоредени од 1999 година со цел да придонесат за прекин на судирите меѓу владините сили и неколкуте бунтовнички движења што дејствуваат во земјата.

Според податоците на организациите за заштита на човековите права, во вооружени инциденти во ДР Конго во последните три години загинале околку 1.000 лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top