Меѓународната награда Балканика беше доделена синоќа, во кино Фросина, МКЦ. За 2015 година наградата ја доби книгата „ИГРАТА, ПАДОТ ОД НЕБОТО“ од авторот Башким Шеху од Албанија, а за 2016 – книгата „ЦРН ХУМОР“ од авторот Мурат Озјашар од Турција.
Во најтесен избор за наградата за 2016 година беше и нашата претставничка Лидија Дим. Таа заедно со романот „Невидливи љубови“ на Владимир Јанковски беа македонски претставници во трката за ова признание.
Присутните ги поздравија Николај Стојанов, претседател на Фондацијата Балканика, Заменик министерот за култура на РМ г. Владимир Лазовски, и Горјан Лазаревски, претставник од ИК Магор од Скопје, член на Фондацијата Балканика, а свеченоста беше збогатена со настап на групата „Калевала“.
Одлуката на жирито ја соопшти претседателот на меѓународното жири проф. Ендрју Вахтел од САД:
-Конкурсот за Балканика 2015 го обележа особено силната конкуренција меѓу кандидатите. Жирито, откако, како и секогаш, ги разгледа овие дела со особено високо ниво на професионализам, имаше многу тешкотии да го стесни изборот и на крајот да го избере победникот. Членовите на жирито беа одушевени од збирката кратки раскази „Фризурата на невестата од турската писателка Серај Шахинер, кој се сосредоточува врз секојдневните маки и перипетии на турските жени, главно мигрантки во Истанбул, кои се во потрага по љубов и романса следејќи ги кодовите на списанијата за гламур и сапунските опери. Подеднакво впечатлива, иако на сосема поинаков начин, беше и збирката раскази „Ѓак” на грчкиот писател Димостенис Папамаркос. Напишани со подражавање на руралниот дијалект, овие раскази се сосредоточени врз бруталноста на војната и трауматичните лузни што таа ги остава. Отсекогаш било тешко поезијата да си го пронајде своето место во вакви конкурси, но збирката „Упатства за употреба” од поетесата Ана Ристовиќ доби силна поддршка од жирито поради нејзиното суво, потсмешливо и иронично претставување на женската перспектива во едно патријархално општество. Но, едногласниот победник на Балканика 2015 е романот „Играта, падот од небото“ на албанскиот писател Башким Шеху. Покривајќи голем временски период, од 1940 до раните две илјадити, иако главно се сосредоточува врз периодот од седумдесеттите до деведесеттите, овој сложено изграден роман остава длабок и силен впечаток и го присилува читателот да се соочи со тешки и непријатни прашања кои се однесуваат на универзалните прашања на вината и невиноста, на изградувањето на фигури на авторитет, како и на тоа дали е возможно да се постигне некој вид рамнотежа и среќа по некоја длабока траума. Му честитаме на Башким Шеху на неговата награда од Балканика 2015.
И кандидатите за 2016 година ги поставија членовите на жирито пред тежок избор, од делата со многу различен карактер. Повторно, поезијата беше претставена на добар начин и жирито го освои силниот лирски глас на Љуљета Лешанаку со нејзината збирка „Хомо Антарктикус”. Српскиот писател Владан Матијевиќ, го зароби вниманието на жирито со трите новели новели што се римуваат, претставени од нестабилни наратори врз чија веродостојност не можеш да се потпреш. Но, во жестока борба за првата награда беа две многу различни дела. Првото беше она на Лидија Димковска, „Но-Уи”. Некој вид семеен роман што ни ја раскажува приказната за една баба и внука наспроти заднина изградена од дваесеттиот и дваесет и првиот век во Европа во која идентитетите секогаш се поместуваат и се доведуваат во прашање, а наративите мораат да бидат кажани и прераскажани во повеќекратни контексти. Второто дело беше збирката кратки раскази „Црн хумор” на турскиот/курдски писател Мурат Озјашар. Најмоќните раскази во оваа збирка го опишуваат тешкото битисување на курдското население на Турција со жестока и цинична, речиси хируршка прецизност. Иако овие две дела на крајот добија еднаков број гласови, меѓународното жири му ја доделува Балканика 2016 на Мурат Узјашар поради тоа што неговата книга го освои мнозинството гласови за прво место, истакна Вахтел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Викендов Скопје е домаќин на меѓународната книжевна манифестација „Балканика“
-
Романот „Но-Уи“ на Лидија Димковска – национален кандидат за наградата „Балканика“
-
„Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски е македонски претставник за „Балканика“
-
Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ е македонски претставник за „Балканика“