Признавање на уставното име, почитување на одлуката од Хаг и деблокирање на евроатлантските инеграции, според поранешниот германски амбасадор Клаус Шрамајер, се решение на спорот со името за кој говореше во Лајпциг, јавува „Дојче веле“ на македонски јазик.
„Расправијата околу името меѓу Македонија и Грција, која трае повеќе од дваесет години, стана толку сериозна, а практично е непотребна и апсурдна! Колку повеќе се занимавам со Балканот, толку повеќе сум убеден дека е ирационалност и психопатолошки проблем на Грција, кој тешко може да им се објасни на западните земји. Кога веќе дискутираме за името на Македонија, во оваа прилика Грција би можел да ја наречам поранешна османлиска провинција Хелас“, истакна д-р Клаус Шрамајер, ексгермански амбасадор во Скопје, на стартот на своето предавање „Грчко-македонскиот спор за името 1991-2013“.
Жешката тема која останува топ актуелност повеќе од 20 години Шрамајер ја презентираше пред, за жал, малубројната научната публика, синоќа (18.06.) на универзитетот во Лајпциг, при што битката која Македонија ја води за сопственото име сликовито ја опиша со зборовите „Давид против сиот свет“! А, дека Македонија е осамена во борбата за сопственото име, според Шрамајер, покажуваат случувањата и однесувањето на Македонија, Грција и Европската унија во изминатите години.
Скопје ги исполни сите барања на Грција од 1992 година, а не доби ништо освен илегалното име ФИРОМ. Тоа значи имаше небериќетна работа: Мина низ ембарго, го смени Уставот, го смени и членот 49 дека нема да се меша во внатрешните работи на соседот, го смени и знамето. Аргумент на Грција беше дека земјата има милитарни агресивни афинитети, иако во 1992 и Бадинтер кажа дека името само по себе не е агресија“, објасни Шрамајер осврнувајќи се и на, како што кажа, перфидниот обид на Грција во 1991 да организира конференција за судбината на Македонија без нејзино учество, но со Србија и Бугарија, која за среќа пропадна.
Тој потсети дека по 1995 кога Македонија била уценета и морала да ја прифати референцата ФИРОМ, земјата и нејзините граѓани постојано доживувале ниски удари од Атина. Македонија во 1999 го помогна решавањето на конфликтот на Косово – прими 220.000 војници и над 300.000 бегалци. Но, помошта не била евалуирана со членството во Унијата, ниту пак со вистинска материјална отштета. Наспроти тоа, во 2008 година Атина ја прекрши Привремената спогодба, Хаг тоа го потврди, но до денес го блокира членството на Македонија во НАТО и во ЕУ. „Скандалозно е што една пресуда на Меѓународниот суд не се применува и никој не протестира поради нејзиното непочитување“, коментира д-р Шрамајер.
На крајот од расправата во која беа проследени сите фази и предлози од спорот со името, проблемот со антиквизацијата како психолошки одраз на фрустрациите на една дискриминирана и земја оставена самата на себе, д-р Клаус Шрамајер изнесе свои предлози за решението на спорот со името: „Мора да се признае уставното име на Република Македонија. Правната порака е јасна: Атина да ја респектира пресудата од Хаг и да не го блокира НАТО и ЕУ членството“, порача поранешниот амбасадор. Според него, сигурно е дека сите учесници еден ден ќе се чудат поради каква баналност биле раскарани. Но, за жал, обичните луѓе, повеќе од политичарите, страдаат поради спорот со името. „Од решението зависи развојот не само на Македонија, туку и на целиот регион“, заклучи д-р Клаус Шрамајер во освртот за грчко-македонскиот спор околу името (1991 – 2013) пред научната публика на универзитетот во Лајпциг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција