Во текот на минатата година, свештенството во Повардарската епархија на МПЦ, во разни богослужбени пригоди, има произнесено близу две илјади усни и пишани проповеди, поврзани со разни библиски, етички и актуелни теми. Овој статистички податок е лесно проверлив и документиран, бидејќи поголемиот дел од овие проповеди се доставени во пишана форма во архивата на Повардарската епархија на МПЦ, со идеја во иднина да се направи добра селекција, од која ќе произлезе алманах, кој ќе биде сведоштво за идните генерации, за тоа, на кој начин денешните македонски православни христијани, заедно со македонското свештенство, се справувале и ги решавале своите духовни и секојдневни проблеми. Во последните неколку години во склоп на издавачката дејност на Повардарската епархија се издадени над 80 книги и брошури со разна православна духовна содржина, па затоа оваа година, за првпат во историјата, на Саемот на книгата во Скопје беа изложени и овие наши изданија. На крајот од Саемот, кога ги сумиравме податоците, голема беше нашата радост, бидејќи нашите изданија побудија огромен интерес кај читателите, кој, фала му на Бога, нема престанато и до ден денеска. Во црковната кујна во Велес, веќе шеста година по ред, а во двете црковни кујни во Скопје, повеќе од 15 години секојдневно се згрижуваат и нахрануваат неколку стотини наши сиромашни браќа и сестри. Во своето шестиполгодишно постоење веб-страната на Повардарската епархија има околу 6 милиони посети. Оваа страница секојдневно се ажурира и се збогатува со разни актуелни настани, но и со статии и дела на свети оци и современи духовни авторитети од целиот православен свет. Во период од пет години во повеќе градови од Повардарската епархија бесплатно се извршуваат групни крштевки и венчавки на илјадници наши браќа и сестри. Моментално, во повардарскиот регион се изведуваат градежни зафати на повеќе од 15 цркви, манастири, манастирски конаци и придружни црковни објекти. Повардарската епархија, целосно или делумно, во текот на минатата година стипендираше повеќе наши талентирани ученици и студенти во земјава и во странство, не само од богословската област, туку и од другите научни дисциплини. Ние, како епархија, но и парохиските цркви, кои се дел од неа, секојдневно сме прибежиште на многумина наши браќа и сестри, кои имаат потреба од добар збор, совет или било каква духовна или материјална помош…
Дали јас преку горенапишаното имам намера да се фалам или себеси да се промовирам? Се разбира дека не, Бог нека ме чува од такви помисли! Но, дали сето ова можеше да побуди интерес кај нашите новинари и сето ова да биде насловна страна во македонските весници или ударна вест во националните електронски медиуми? Апсолутно – да! За жал, голем дел од нашите новинари и истакнати политичари, се разбира, со ретки исклучоци, Црквата ја перципираат низ повеќедецениските стереотипи, создавани уште во време на комунизмот. Во суверена и независна Македонија за Црквата и свештенството се создадени и нови стереотипи и предрасуди, некои од нив со дури и со поапсурдна и позлобна содржина од оние комунистичките. Еден од основните стереотипи во однос на Црквата, кои сé уште се на сила, е дека Црквата е декор во општеството, па така на нејзините претставници не им е дозволено да имаат свое мислење дури и за прашања кои ја засегаат неа самата. Секое јавно искажано мислење за национални прашања е протолкувано како заземање политичка страна. Токму ваквиот однос на дел од нашиве новинари и политичари придонесе воведувањето на верската настава во образовниот систем на државата да се пролонгира и да се проблематизира со децении. Мислејќи дека му реплицираат на својот политички противник, тие всушност му наштетуваат на целото општество. Уште подобра илустрација за тоа колку се бесмислени и злобни предрасудите е токму континуираниот и оркестриран новинарски напад на младото македонско монаштво во средината на деведесетите години, во годините на неговото возобновување. Тогаш еден наш дневен весник, „носител на демократската пролет”, создаваше и поттикнуваше предрасуди и стереотипи во однос на монаштвото од типот на тоа дека оние што заминале да живеат духовен живот во манастир се заведени и дрогирани деца. Денес, истите тие „заведени деца” се Митрополитите Методиј, Пимен, Иларион, Епископот Климент, Архимандритот Партениј итн. Факт е дека некои новинари и политичари ја критикуваа Црквата и нејзините претставници исклучиво од маркетингшки побуди. Новинарите ги продаваа своите весници, а политичарите својата политичка приказна.
Во контекст на погоре реченото ја разбирам и ја толкувам и колумната на г. Слободан Најдовски, кој го искористи мојот јавно искажан став за да се пресмета со својот политички противник, но во исто време и да му се додвори на својот политички лидер, бидејќи, нели, сега е време на кадровско преструктурирање во опозициските партии. Веројатно, на крајот на колумната заради тоа се има и идентификувано себе си како поранешен пратеник, пикирајки каде си ја гледа политичката иднина. Искрено, ќе ми биде навистина мило доколку г. Најдовски не биде заборавен од неговиот политички лидер и доколку успее да ја добие, односно да ја поврати посакуваната функција. Иако многумина и низ медиумите и низ социјалните мрежи полемизираа со моите ставови, сепак г. Најдовски единствен од сите директно ми постави прашања, па затоа сметам дека нему единствено му должам директен одговор, патем користејќи ја можноста да одговорам и на оние кои индиректно ме споменуваа.
Прво, тврдењето дека некој политичар мене ми се јавил со однапред подготвено сценарио за тоа како ќе се одвиваат протестите за подршка на изградбата на црквата „Св. Константин и Елена” во центарот на Скопје го сметам за дрска и безобразна навреда на моето човечко достоинство. Околу ова прашање не сакам воопшто да полемизирам или дискутирам. Моите лични побуди за појавата на овие протести ги објаснив и тогаш, а не ми е тешко да ги објаснам и сега. Како православен владика, во принцип ја подржувам изградбата на секој македонски православен храм, вклучувајќи го и овој и не знам зошто ова треба да биде протолкувано од некои како заземање политичка страна. Јас таму дојдов во друштво на двајца црковни великодостојници, а бевме пречекани од страна на повеќе православни верници, со кои откако се поздравивме и откако го искажавме јавно својот став, сите заедно заминавме без никакви тензии или скриени намери. Ете, ова е накратко целата вистина. Инаку, ние, како Црква, од политичките постапки на г. Жерновски немаме добри спомени. Тој во повеќе наврати во минатото јавно ја напаѓаше и ѝ се исмеваше на Црквата. На сите ни е познато дека тој како големо достигнување во својата кариера го сметаше укинувањето на предметот веронаука во образовниот систем на Р. Македонија. Тогаш, ова од наша страна беше протолкувано како директен атак врз Црквата, па затоа и бев остар во критиките кон него на дотичниот ден. Основната идеја ми беше дека, ако претходно молчевме во однос на веронауката, во однос на изградбата на црквата нема да молчиме, туку јавно ќе го браниме нашиот став.
За подоцнежните случувања пред Општина Центар јас дознав дури подоцна, преку вестите на медиумите и навистина не знам зошто некој мене ме поврза со насилното однесување и кршењето огради. Јас, колку што знам и во претходните неколку денови таму имаше протести од сосема други побуди. Некои протестираа зошто немало да се гради градинка, а некои зошто немало да се гради ветеното училиште. Оваа држава има закони и има свои институции. За секој оној што насилно ќе се однесува во било која прилика и на било кое место законите предвиделе соодветна казна. Еве, како сатисфакција за г. Најдовски, ова нека биде мое јавно дистанцирање од насилниците, иако и тогаш и сега не сум имал намера да поддржам никакво насилие, ниту, пак, да се мешам во политичката борба на владејачките и опозиционите партии.
Второ, апсолутно сметам дека му е погрешна перцепцијата на г. Најдовски дека јас некои од актуелниве политичари ги делам на верници и неверници, само заради нивната партиска определба. Јас како дете сум пораснат во мултиетничко и мултиконфесионално опкружување, поголемиот дел од моето свештеничко мисионерење и дејствување сум го поминал надвор од Р. Македонија, во исто таква мултиетничка и мултиконфесионална средина. Во мојот кабинет, буквално секојдневно, се сретнувам со луѓе од различна националност и од различна партиска припадност, со сите имам изградено одлични пријателски, човечки и професионални односи. Ова можат да го потврдат оние што добро ме познаваат. Кај мене за исповед или духовно советување доаѓаат разни луѓе, со разни професии и погледи на свет и ниту еден никогаш не бил прашан дали политички му припаѓа некому или не. Колку сум понекогаш отворен и искрен во критиките на политичарите најдобро можат да Ви потврдат градоначалниците од Повардарскиот регион (со нив имам повеќе контакти), сите се од владеачката партија, но тоа воопшто не ме спречува понекогаш јавно да им замерам, доколку сметам дека нивните постапки ги загрозуваат интересите на Црквата и на верниците. И покрај отворените критики ниту еден од нив досега не ми замерил дека сум „ја фатил спротивната политичка страна”.
На крајот, би сакал да посочам дека јас, Митрополитот Агатангел не припаѓам на ниту една политичка опција. Но, во исто време истакнувам дека секогаш кога се во прашање црковните и националните интереси на мојот македонски православен народ јавно ќе го кажувам и ќе го бранам своето мислење, без разлика дали некој политичар, кандидат за политичар, активист или амбасадор ќе се почувствуваат повикани или навредени од моите ставови. Цврсто верувам во Христовите евангелски начела. Тие се критериумот на сé во мојот живот. Верувам дека нема ништо поправедно, поубаво, повозвишено од Христос и Неговата света наука и затоа ќе се трудам да го бранам, промовирам и актуелизирам ова учење во сите дни од мојот живот.
Митрополит Повардарски
Агатангел (Станковски)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Апелациија демантира: Наводите од Груевски се груба невистина и манипулација со јавноста
-
Демант: „Авалон продукција“ одлучува со која фирма ќе работи и склучува договори
-
ЕЛЕМ: Бесијана Џафери и Димитар Грчев имаат завршено високо образование
-
Хаџи-Лега бара јавно извинување од Викторија Јовановска: Мојата квалификација како плагијатор е измислена и доаѓа од некомпетентна личност