| четврток, 6 декември 2018 |

Нина Деан, актерка: „Мама миа“ ќе биде вистински погодок!

Премиерата на македонската верзија на мјузиклот „Мама миа“ е закажана за 24 декември 2017 година во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар. Режијата е на Наташа Поплавска, која го режираше и првиот лиценциран мјузикл „Чикаго“

Нина Деан, македонската актерка и членка на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ) ќе ја толкува носечката улога, ликот на Софи Шеридан во мјузиклот „Мама миа“ чија премиера националниот театар ја закажа за 24 декември годинава.
Режијата е на Наташа Поплавска, која го режираше и првиот лиценциран мјузикл „Чикаго“ кој исто така беше поставен во МНТ.
Деан скоро две години е дел од ансамблот на МНТ каде што игра во повеќе претстави, „Кец на десетка“, „Разговор во четири очи“, „Силјан штркот“, „Животот на Молиер…“. Во МНТ дојде од театар Комедија, каде што ги играше насловите улоги во сите претстави кои беа на репертоарот. Игра и во Театар за деца и младинци во претставата „Волшебникот од Оз“.
„Мама миа“ е еден од најпознатите и најизведувани мјузикли, а нумерите се најголемите хитови на шведската група АББА, по музика и текст на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус. Тестот е на Кетрин Џонсон, а по приказна на Џуди Крејмер. Проектот се реализира во копродукција меѓу МНТ и Prospot d.o.o./Presented by Arrangement with Music Theatre International/Europe.
Преку хитовите на АББА се раскажува комичната приказна за тинејџерка која е во потрага по нејзиниот вистински татко на еден грчки островски рај. Во пресрет на свадбата, желбата на ќерката да го открие идентитетот на татко ѝ ги враќа назад на островот тројцата мажи од минатото на мајка ѝ коишто за последен пат го посетиле пред 20 години.
Носечката улога на Софи Шеридан, девојката која е пред мажење и која е во потрага по нејзиниот вистински татко ја толкува Нина Деан. Нејзината мајка Дона Шеридан ќе ја игра актерката Биљана Драгичевиќ – Пројковска, најдобрите пријателки на Дона ги играат актерките Арна Шијак, Тања Кочовска, додека улогите на татковците Сем, Бил и Хари ќе ги играат актерите Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев, а Никола Наковски ќе ја толкува улогата на Скај, вереникот на Софи.
Во поделбата на актерската екипа се и: Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев. Учествуваат и голем број на танчери и хористи, како и бенд во живо.
По премиера на 24 декември, следните изведби се на 26, 28 и 29 декември.
Во екот на подготовката на „Мама миа“, „Република разговараше со Нина Деан, „девојката со златна коса“.

Македонскиот народен театар (МНТ) објави отворена аудиција за актери, танцувачи, балерини за мјузиклот „Мама миа“. Нина, дали беше силна конкруенцијата за ликот на Софи Шеридан?
ДЕАН: Кастингот траеше долго. Имаше два круга. Јас со режисерката Наташа Поплавска претходно работев на четири проекти, така што таа ги знаеше моите способности. Но, мораше да се направи проверка, посебно за песните, бидејќи воопшто не се лесни. Ја добив улогата и мора да признаам дека многу се израдував.

Колку твоето искуство како балерна и кореографка ти помага во толкувањето на ликот на Софи?

ДЕАН: Тоа искуство многу ми помага, бидејќи мјузиклот има многу кореографии. Со искуството доаѓа и брзината за совладување на кореографиите, а со тоа и меморирањето. Софи учестува во многу кореогарфии. Се надевам дека ќе ги совладам без проблем.

Има ли Нина некои сличности со Софи?
ДЕАН: Да, имам некои сличности со Софи. Разликата е во тоа што Софи има 20 години. Тоа е возраст кога си пргав, љубопитен, весел… И физички сме слични јас и Софи. И таа е русокоса. Има еден стих во песните „The girl with the golden hair“ (Девојката со златна коса).

„Мама миа“ е еден од најизведуваните и најпопуларни мјузикли на светот. Дали си го гледала филмот во кој главната улога ја толкува холивудската актерка Мерил Стрип или пак некои други мјузикли?
ДЕАН: Го гледав филмот во кој главната улога ја толкува Мерил Стрип, а некои од мјузиклите ги гледав откако почнавме да ја работиме „Мама миа“. Мјузиклите решив да ги гледам од љубопитност, како може да се направи, кој играл, какви биле кореографиите, како ги испеале песните… Во други драмски претстави можеби тоа би пречело, но мислам дека тоа не е проблем кога станува збор за мјузикли. Тука нема што да се украде. Тука е тој концепт. Заради тоа ги гледав, без да ми пречат за изградба на мојот лик.

Дали си љубител на мјузикли? Дали ја сакаш музиката на АББА?
ДЕАН: Искрено, не сум ја слушала музиката на „АББА“. Песните ги знам, познати ми се, но тоа не е тип на музика која јас приватно би ја слушала. Но, овде тие звучат поинаку и тоа многу ми се допаѓа. Во „Мама миа“ песните не смеат да се менуваат од оргигиналниот бродвејски мјузикл, така е според лиценцата. Иако не сум љубител на поп-музика, овде многу добро се забавувам.

Дали стиховите во нашата „Мама миа“ ќе бидат препеани на македонски јазик? Кој ви помага во пеењето?
ДЕАН: Сите песни се препеани на македонски јазик. Препевот е на нашата колешка, актерката Тина Трпковска и препевот е одличен. Многу е тешко да се направи превод на кој било текст. Потребно е да се задржи суштината, а песната да звучи добро и на македонски јазик. Тина тоа многу добро го направи и пеење тече лесно, без проблеми. Во пеењето ни помагаат Сара Николовска и Ана Костадиновска. Со нив вежбаме пеење, а со Олга Панго и Ирена Лозинска ја вежбаме кореогафијата. Не е лесно да се игра и да се пее во исто време, но со многу работа се се постигнува.

По повеќегодишен ангажман во театар Комедија, скоро две години си дел од ансамблот на МНТ. Како се вклопи?
ДЕАН: Во МНТ играм во повеќе претстави: „Кец на десетка“, „Силјан штркот“, „Животот на Молиер“, „Разговори во четири очи“, „Мајсторот и Маргарита“ и сега во „Мама миа“. Одлично се вклопив во овој ансамбл. Јас пораснав во стариот објект на МНТ. Одев на сите претстави. Ги познавам сите повозрасни глумци, тие ме чувале по гардероби кога сум била мала. Јас отсекогаш сакав да сум тука, во МНТ. Животните патишта прво ме однесоа во Театар Комедија, каде што се изнаиграв буквално во сите претстави кои беа на редовниот репертоар и потоа, животот така сакаше, да се вратам во МНТ.

Чикаго, првиот лиценциран мјузикл кој пред две години го постави МНТ беше вистински погодок и за него се бараше билет повеќе. Дали тоа ќе биде товар за екипата која го подготува „Мама миа“?
ДЕАН: Мислам дека тоа нема да биде товар за нас кои ја подготвуваме „Мама миа“. Напротив, мислам дека овој мјузикл ќе биде популарен од „Чикаго“ бидејќи нема некој кој не ги знае песните на АББА. Можеби филмот „Чикаго“ бил повеќе популарен од мјузиклот, но песните на АББА се многу повеќе познати. Екипата е супер, работиме многу сложно и ангажирано и навистина верувам дека овој мјузикл ќе биде полн погодок. Сите се многу желни за работа.

Велат дека мјузиклите се најтежок жанр за играње во театар, бидејќи има играње, пеење, танцување, глума… Што мислиш ти, зошто и денес, на Бродвеј, некои мјузикли се распродадени однапред?
ДЕАН: Мјузиклот е спој на три работи што публиката многу сака да ги гледа – пеење, играње и актерска игра. Кога е тоа добро споено, кога е добро напревано се гледа влогот на сите што работеле и публиката тоа го цени.

Оваа година те гледавме и на филм, во комедијата „Ах, љубов моја“ на Коле Ангеловски. Се појавуваш и во „Скопје Ремикс“. Дали имаш понуди за филм?
ДЕАН: Да. Ќе работам на еден краток хорор филм во режија на Игор Алексов. Главните ликови во вампири, а темата е дали луѓето се подобри од вампирите. Филмот е многу интересен, а екипата е одлична: Дејан Лилиќ, Јордан Симонов, Ана Стојановска, Оливер Митковски. Не откривам повеќе детали. Се смее (н.з.)

Освен „Мама миа“ и неодамнешната премиера во МНТ, комедијата „Кец на десетка“, што ново работиш?
ДЕАН: Во овој период работев и на серијата „Марковски“, а секогаш ми останува обврската со студиото за танц „Ребис“. Поради мојот ангажман, дел од обврските ги преземаат инструкторките и инструкторите што работат таму.

разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top