Смртта на Осама бин Ладен беше примарна цел на Вашингтон. Со неговата егзекуција требаше да се заокружи одмаздата за нападите од 11 септември. Белата куќа сметаше дека со неговата елиминација ќе се стави крај и на приказната за Ал Каеда, но, очигледно, овој пат предвиденото сценарио не се оствари. Две години по историскиот 1 мај 2011 година, терористичката организација сѐ уште му пркоси на Западот во Авганистан, Ирак, Мали, Јемен, во некои делови на Пакистан, но и во Либија, Нигерија, Сомалија… Активни се и во Сирија, но таму се „ортаци“ со западните сили, кои ја поддржуваат опозицијата против силите на Бараш ал Асад. Свои ќелии и следбеници имаат и во Северна Америка, но и во Европа, па и на Балканот, а во исто време соработуваат со десетици исламистички организации низ светот со кои имаат заедничка цел – да ѝ се нанесе колку што е можно поголем удар на Америка и нејзините западни сојузници. Но, главното прашање е дали Ал Каеда денес претставува значајна закана како во ерата на Буш и на Блер?
Стручњаците велат дека нејзината моќ не е намалена, иако нејзината структура е променета и, реално, намалена.
– Ал Каеда е намалена во големината, но не и во нејзиното влијание. Сѐ уште има влијание врз групите со истомисленици од Африка до Блискиот Исток и Азија. Денес, место една Ал Каеда предводена од Осама бин Ладен, има 30 групи, кои ја следат идеологијата и методологијата на Ал Каеда – вели Рохан Гунаратна, шеф на Меѓународниот центар за истражување политичко насилство и тероризам.
Структурата на организацијата е променета. Поделена е на повеќе групи и сите тие, на некој начин, се меѓусебно поврзани. Сепак, тие оперираат претежно врз локални цели, за разлика од периодот по 11 септември, кога организацијата беше цврста, со единствено водство, кое организираше напади низ целиот свет.
Ал Каеда веќе извесно време е во фаза на поделба. Поттик за ваков маневар беа американските и сојузничките напади во Авганистан и префрлањето на јадрото на Ал Каеда од регионот во соседен Пакистан и пошироко. Но, по смртта на Бин Ладен, процесот на поделба продолжи уште позабрзано.
Денес идеологијата и реториката на Ал Каеда е усвоена од повеќе исламистички организации низ светот, кои ја користат за сопствени регионални цели.
Постојаните самоубиствени бомбашки напади, убиства, киднапирања, како и тој од минатата недела во Бостон, покажуваат дека Ал Каеда, можеби, не е способна да ги повтори нападите од 11 септември и Мадрид, но, во секој случај, е сериозна закана за безбедноста низ светот не само со нивни акции туку и преку следбениците на нејзината идеологија.
Што откриваат писмата на Бин Ладен?
Скриен во неговото засолниште, криејќи се од светот, Осама бин Ладен последните месеци од својот живот ги поминал во кроење стратегии, стравувајќи за своето наследство, но и незадоволен од тоа што многу „браќа“ се отуѓуваат од организацијата поради нападите на Ал Каеда во муслиманските земји. Наспроти тоа, Бин Ладен агитирал за спектакуларни акции, вклучувајќи и атентат врз претседателот на САД, Барак Обама.
Кога Бин Ладен денес би бил жив, тој не би бил задоволен од начинот на кој функционира организацијата и од поставеноста на Ал Каеда затоа што тој инсистирал организацијата да функционира со хиерархиски подредена управувачка структура во стилот на приватна компанија, а од потчинетите барал да останат во рамките на нивната улога.
Неговите последни мисли и фрустрации ги запишувал во писма, кои беа запленети во неговото тајно престојувалиште во пакистанскиот град Аботабад за време на акцијата за негова егзекуција. До сега се објавени 17 негови писма напишани на 175 страници со арапско писмо, кои датираат од септември 2006 година до април 2011 година.
Аналитичарите од центарот за борба против тероризмот на Воената академија „Вест поинт“, кои ги анализирале објавените документи, оценуваат дека Ладен постојано се борел за лидерската позиција. Тие сметаат дека духовниот водач во последно време дури бил и маргинализиран.
– Бин Ладен не бил информиран за оперативните дејства на регионалните џихадистички групи. Тој бил незадоволен и не ги одобрувал. Тој се грижел за нивната неспособност – вели Нели Лахуд, еден од аналитичарите, кои го изработиле извештајот.
Тој бил длабоко загрижен за имиџот на Ал Каеда, па така во едно од писмата го подвлекол планот за промена на името на организацијата. Во писмото се вели дека формалното име на групата „Ал Каеда ал Џихад“ било скратено со тек на време само на „Ал Каеда“, кое на арапски значи „Базата“ со што ја загубило неговата религиозна конотација. Првпат ова име почнало да се користи во осумдесеттите години од минатиот век, кога муџахедините се бореле против Советите во Авганистан. Како негова замена, во писмото се предлагаат имиња со исламистички теми како „Група за џихад“, „Муслиманско единство“, „Исламистичка национална група за обединување“ или „Ал Акса ослободителна група“.
– Планирам да објавам соопштение дека почнуваме нова фаза за да ги коригираме грешките што ги направивме. Со тоа ќе ја вратиме Божјата волја и довербата кај многумина од тие што ја загубиле довербата во поддржувачите на џихад – пишува тој во периодот меѓу јули и октомври 2010 година во писмо што му го испратил на свој близок соработник.
Осама бин Ладен барал да престанат нападите врз муслиманските земји и акциите да се насочат врз САД. Во спротивно, како што вели, „сето тоа ќе нѐ однесе во неколку добиени битки, додека на крајот ќе ја загубиме војната“.
Ал Каеда по Бин Ладен во нова форма
По смртта на духовниот водач, лидерството во организацијата го презеде неговата десна рака, Ајман ал Завахири, човекот што се смета дека е мозокот на нападите од 11 септември. Некои аналитичари сметаат дека ќе биде невозможно некој да го замени Бин Ладен во неговата лидерска ролја, но неоспорен факт е дека тој одредено време пред да биде убиен ја загубил главната улога во донесувањето одлуки за новите операции. Во неговите писма, исто така, се открива дека имал затегнати односи со новата генерација за милитантни организации што тврделе дека се следбеници на Ал Каеда, но не секогаш ги почитувале наредбите на постарите во командниот синџир на организацијата. Тој пишува и за вооружени пресметки меѓу локалните следбеници и водачите на Ал Каеда, кои ја делеле визијата за глобален џихад против Западот. Нивната единствена заедничка безусловна цел била создавање калифат, односно една држава за сите муслимани.
Некои аналитичари гледаат неизбежен пад на влијанието на централната команда на Ал Каеда врз нејзините следбеници, а во исто време пораст на независноста на помалите исламистички организации, кои повеќе се насочени кон организирање и изведување бунтови на локално ниво (како на пример во Сирија и во Јемен) отколку кон глобалниот џихад. Други, пак, предупредуваат дека регионалните групи остануваат верни и цврсто поврзани со командниот синџир на терористичката организација предводена од Завахири и неговите помошници, кои интервенираат во нивните одлуки само ако увидат дека ќелиите застрануваат од централната стратегија. Кој и да е во право од овие аналитичари, факт е дека Ал Каеда и нејзините приврзаници на Блискиот Исток остануваат голема безбедносна закана за тамошните власти. Учеството на Ал Каеда во борбата против режимот на Башар ал Асад во Сирија, и тоа на иста страна со опозицијата поддржана од Западот, само покажува дека организацијата има способност да ги искористи сите политички превирања за да се појави во нови форми.
(Текстот е објавен во 34. број на Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.