Денеска во Корча се одржа четвртата заедничка седница на владите на Албанија и Косово во рамки на одбележувањето на 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија и Денот на албанското знаме.
Еди Рама и Рамуш Харадинај потпишаа 12 договори, од кои четири се од сферата на безбедноста, а останатите за соработка во енергетиката, дијаспората, животната средина, културата и странските инвестиции.
Двајцата премиери се заложија за унапредување на економската соработка и за олеснување на царинските активности меѓу државите.
Рама потенцираше дека главна цел е отстранување на царинските бариери меѓу Албанија и Косово и дека наскоро ќе овозможат отворање на оперативна канцеларија на Косово во Драч, како и на нови гранични премини.
– Во Косово се отворени 920 бизниси на албански инвеститори, а има и косовски во Албанија. Трговската размена меѓу двете земји е зголемена за петпати. Оваа бројка споредена со нашите амбиции е скромна. Минатата година беше успешна година, кога трговската размена достигна над 200 милиони евра, изјави Рама.
Харадинај побара Албанија да продолжи да го поддржува Косово во активностите во меѓународните институции.
– Наша цел е Косово да се интегрира и да ги продолжи преговорите со Србија. Но, признавањето на Косово од страна на Србија е неопходно, посочи Харадинај.
Активностите на албанската и косовската влада продолжуваат утре во Валона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.