| четврток, 6 декември 2018 |

Виолинистот Владимир Костов и Марија Ѓошевска во камерната сала на Македонската филхармонија

На 28 ноември (вторник) со почеток во 20 часот, во малата сала на Македонската филхармонија рецитал ќе одржи македонскиот истакнат виолинист Владимир Костов, концертмајстор на Македонската филхармонија. Како пијано придружба ќе настапи една од најдобрите пијанистки во поновата генерација македонски уметници, Марија Ѓошевска.

Владимир Костов овој пат за публиката приреди интересна, но и комплексна програма. Ќе бидат изведени две сонати за виолина од Антонио Вивалди, Етида во форма на валс од Камиј Сен-Санс, како и Соната за виолина и пијано од Рихард Штраус.

Македонската филхармонија, со рециталот на пијанистката Марија Ѓошевска кој се одржа на 20 ноември, активно ја почна програмската шема во малата камерна сала. Следуваат уште многу интересни настани до крајот на оваа година кои можат да се проследат на нашата веб-страница www.filharmonija.mk.

Владимир Костов (1975) е роден во Битола каде што го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Михајло Куфујонакис, каде што и магистрира, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришипенко и др. Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар му се нуди неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот – Националниот Арт Центар Отања, Линколн центарот, Харвард Универзитетот, Берлинската филхармонија, Келнската филхармонија, Концертхаус Берлин, Концертхаус Виена, во Шанија, Полска, Кина… Настапува и со оркестарот Исток-Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот од 2000 до 2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ. Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, Камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио ,„ВАМ“, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“. Владимир Костов постојано посетува  и мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД). Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и  на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска. Основач е на фестивалот за млади виолинисти  „Виолин фест“. Моментно работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top